Македонија
12. July 2025 - 16:35

Два активни пожари денеска - премиерот смета дека тие кај Скопје биле дел од организирана акција

Се уште гори кај дојранското село Николиќ кадешто гори нискостеблеста шума. Според последниот пресек од Центарот за управување со кризи, активен е уште еден пожар, кај Ресен кадешто е зафатена трска.

По контрола противпожарните служби ги ставиле пожарите кај Долнени, Македонски Брод и Велес.

Според првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување, речиси целиот фокус на државата е воспоставување контрола над пожарот кај Николиќ. Огнените јазици се високо на тешко пристапен и непристапен терен.

На терен има неколку екипи противпожарните бригади од Валандово и Струмица, а вклучени се еден хеликоптер на АРМ, еден на МВР и еден ер-трактор.

Во помеѓувреме, полицијата фати двајца пиромани во Скопје. Ноќеска околу полноќ фатен бил 15-годишник од Скопје кој запалил оган и горел кабли. Вчера, фатен бил и 44-годишник кај кого биле пронајдени запалка, најлонска вреќа во која имало запалени кабли, метални и бакарни предмети.

По објавите дека еден од фатените пиромани за пожарите во Скопје е брат на функционер од ДУИ, премиерот Мицкоски вели дека има индиции дека пожарите пред неколку дена во скопско биле дел од смислена акција.

-Имаме одредени информации и основани сомненија дека она поготово што се случи во Скопје пред неколку дена е организирана акција. Имаме приведени лица, имаме одземени телефони и оставам на органите да си ја завршат својата работа, но доколку се потврдат овие основани сомненија тогаш одредени личности ќе бидат во сериозен проблем, вели Мицкоски.

Шумските пожари оваа година почнаа порано од вообичаеното. Неколку дена ситуацијата беше алармантна на неколку делови од државата.