Македонија
22. November 2021 - 16:34

Дуќанџиите од ГТЦ бараат сопствени броила - Уверени се дека им е крадена струја за копање криптовалути

Дуќанџиите од ГТЦ бараат секој да има сопствено броило за струја за да плаќаат колку што реално потрошиле. Тоа што за само три месеци сметките двојно им пораснале сметаат дека е резултат на крадењето струја. Се жалат дека ГТЦ не ги спроведува препораките од надлежните и управува со деловните простори без лиценца за тоа.

Дуќанџиите сметаат дека се оштетени од страна на ГТЦ, како сопственик на единственото броило за струја, и затоа бараат акционерското друштво да пријави кражба на струја. Обвинуваат и дека ГТЦ незаконски управува со деловните објекти.

Директорот на ГТЦ и денеска не одговори на нашите повици.

Полицијата не откри основ за кривижно дело кражба на струја во ГТЦ, но викендов приведе двајца вработени во МЖ Транспорт, кои на работното место „копале“ криптовалути трошејќи струја на сметка на јавното претпријатие. Од МВР велат дека откриле и други кражби на струја.

„На подрачјето на СВР Скопје во 2021 година евидентирани се 41 кривичнo делo по член 235а од Кривичниот законик „Кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“ при што се поднесени 40 кривични пријави против 45 сторители. Од извршените дополнителни проверки во евиденциите на Единиците за внатрешни работи утврдено е дека 3 (три) кривични дела извршени од 4 (четири) сторители се однесуваат на „Кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“ со приклучување на компјутерска опрема на електрична мрежа со цел дигитално ископување на крипто валути – Биткоини и Етериуми“, пишува во одговорот код МВР.

За крадење струја предвидена е парична и затворска казна до 5 години.