Македонија
7. December 2024 - 17:23

ДУИ бара помош од САД, ЕУ и НАТО за законот за јазици – Албанските интелектуалци испратија писмо до Уставен

Со писмо до САД, ЕУ, и НАТО, ДУИ бараат итно делување на меѓународниот фактор во спречување на потенцијална дестабилизација на Македонија. Велат дека одлуката на Уставниот суд за евентуалното укинување на одредби од законот за јазици би ја поткопало меѓуетничката хармонија во земјата. 

Силна и јасна потврда за важноста на Договорот и Законот за јазиците е потребна сега повеќе од било кога. Дипломатскиот ангажман со сите страни е од суштинско значење за да се спречи одлука што би го поткопала мирот, би ја дестабилизирала земјата и би го загрозила евроатлантскиот интегративен процес на Северна Македонија. Ова е момент на вистината, стои во писмото.

По одлука на тесното партиско раководство во Мала Речица, во понеделник  ќе дефинираат конкретни чекори како ќе делувале. Ги повикуваат инволвираните да прекинат со како што велат опасниот план, бидејќи последиците ќе биле незамисливи.

И  250 албански интелектуалци, универзитетски професори со отворено писмо бараат Судот да не ја укинува службената употреба на албанскиот јазик.

Ваквата постапка би ја поткопала довербата на граѓаните, особено на Албанците, во функционирањето на институцијата што ја застапувате и од која се очекува да носи одлуки самостојно, според сопствени убедувања, врз основа на Уставот и законите, а не според политички влијанијe, од било која страна да доаѓале тие.

Од владејачката ВМРО ДПМНЕ не гледаат опасност, им порачаа на интегративците, наместо закани да научат да бидат конструктивна опозиција. 

Опозициската СДСМ пак вели дека ваквите најави се само во интерес на Мицкоски и Ахмети. 

Во среда уставниот суд треба да одлучува за оспорениот закон и покрај најавите за бојкот на судиите албанци Кадриу и Ајдари. 

За Левица устваниот суд станал жртва на етнички уцени, а бојкотот на уставните судии албанци е скандалозен и неприфатлив. 

За законот се поднесени 13 иницијативи, со кои практично се оспорува уставноста на целиот закон, но и Указот за неговото прогласување.