Македонија
7. October 2024 - 16:36

ДСЗИ и стручна комисија го испитуваат случајот со смртта на 14 – месечното дете на Детската клиника

Лекари од други клиники, двајца педијатри од гинекологија и анестезиолог од Карил ќе го испитуваат случајот со смртта на 14-месечното дете на Детската клиника. Тие се дел од стручната комисија формирана од министерството за здравство која треба да даде одговор дали детето ги добило потребните здравствени услуги и дали лекарите вклучени во третманот постапиле согласно протоколите. Извештајот треба да го изготват во рок од 8 работни дена. Паралелно вонреден надзор на Детска и Клиниката “Козле” каде било лекувано детето вршат и инспектори од ДСЗИ.

-Првиот состанок утрово беше со директорот, екипата веќе е на терен. Комисијата веќе е формирана и се наоѓа на работа, на терен за да ги испита сите факти и аргументи, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.

Министерот за здравство вчера потврди дека детето претходно било одбиено за хоспитализација на Детската клиника, иако родителите барале да го задржат на болничко лекување. Таравари порача дека за случајот мора да има лична одговорност, но негираше дека Клиниката тој ден била оставена без специјалисти.

За починатото дете одговорност од министерот и директорот на Детска бараат опозициските партии.

- ДУИ бара надлежните лица да понесат морална одговорност во овој случај и целосно транспарентна истрага, изјави Дијана Тоска, пратеничка од Европскиот фронт.

- СДСМ бара подлабока анализа и целосна транспарентност во процесот на утврдување на одговорноста. Јавноста заслужува да знае каде се направени пропустите.

Бебето почина неполн час по приемот на Детска, во саботата во раните утрински часови каде било донесено со Брза помош, во многу тешка состојба и со ниска сатурација поради респираторна инфекција.