Македонија
3. јуни 2024 - 11:30

ДС: Реорганизација на министерствата

Демократскиот сојуз смета дека промената на надлежностите на некои министерства и формирањето нови треба да се одвива со брзо темпо за да се формира нова Влада и да се спречи целосен колапс на државата.

Сведоци сме на целосно разградени институции и нивна неефикасност и разнебитеност. Најеклатантен пример е Министерството за здравство, каде Клиничкиот центар е во целосен колапс и истиот не може да обезбеди врвна здравствена заштита на граѓаните.

Состојбата е слична во многу други институции, а перфидните најави и закани за дестабилизација на државата на етничка основа само ја изоструваат потребата од брзо формирање Влада, која треба да профункционира со полн капацитет.

Добро е во Парламентот да има координации, усогласувања и компромиси, но врвен државен интерес е реорганизација на министерствата и избор на нова Влада. Сѐ друго е политизација и манипулација, на штета на интересите на граѓаните.

Демократски сојуз