Македонија
17. November 2022 - 16:36

Државните домови за стари лица се полни, редот е долг и на листите за чекање

Mладите масовно заминуваат во странство и нема кој да ги чува нивните родители. Ова е главната причина поради која скоро до максимум се исполнети 4-те државни Домови за стари лица во државава, во Скопје, Битола, Берово и Прилеп. Во Домот во Прилеп од 150 места, исполнети се 145. Старите лица кои што се сместени таму велат дека им е убаво и дека се дружат помеѓу себе, ако останеле дома ќе биделе осамени.

„Убаво ми е тука, дома ќе бидам сама. Децата ми се во странство. Јас останав сама, не можев сама да седам и дојдов овде“, вели Вера Кочоска, штитеник во Домот за стари лица во Прилеп.

„Сама живеев, мажот ми почина и ниско требаше да се движам бидејќи сум со помагало. Дома немам услови, скали насекаде“, додаде Благица Карапеевска, штитеник во Домот за стари лица во Прилеп.

Од домот во Прилеп зголемената заинтересираност за сместување ја гледат и во подобрувањето на условите. Преку проект на Бирото за рамномерен регионален развој набавиле голем броj на душеци, мецицински кревети, обични кревети, трпезариски маси, столици и плахари за собите.

„Донесовме нов инвентар, за секого нов душек, нов кревет, тука кај нас претпоставуваме дека има заинтересираност поголема од претходно бидејќи условите се подобрении и младите што се иселуваат од нашата држава за жал“, истакна Благојче Стојчески, директор на дом за стари лица Прилеп.

„Во фаза е и проектната документација за инсталирање на фотоволтаици, се со цел за финансиско намалување на трошоците кои во ова време и тоа како е во корист“, додаде Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Од домот за Стари лица велат дека во моментов потребни се повеќе вакви домови. Имало и листа на чекање, но итните случаи веднаш ги сместувале.