Македонија
29. April 2025 - 19:57

Државна ревизија открива слабости во договорените јавно-приватни партнерства

Малку резултати за многу пари - ревизијата на проектите со јавно-приватно партнество од 2017-та до лани покажува слабости во законите, институциите и договарањето.

Утврдени се вкупно 68 договори, но ревизорите велат дека бројката можеби е поголема поради лошо водена евиденција. Од 25 анализирани постапки, државата наплатила околу еден и пол милиони евра, додека приватните партнери добиле 3 милиони евра. Приватниот сектор инвестирал вкупно 37 милиони евра, но придонесот на државата не може да се мери парично бидејќи се состои од дозволи, земјиште и објекти.

Не сите договори биле добро напишани. Еден бил склучен на 96 години, а законскиот лимит е 35. Во некои случаи и државата морала да плати казни.

„Во тек се судски постапки во кои јавен партнер се јавува како тужена страна за долг од приближно 3,9 милиони евра“.

Ревизорскиот извештај наведува и конкретни примери.

Комплексот „Македонско село“ каде државата вложила речиси 5 милиони евра, не ги исполнил очекувањата. Договорот за јавно приватно партнерство бил склучен без доволна подготовка и анализа и не донел економски резултати. Раскинат бил по две години поради неисплатливост. Ако не се одржува, целосно ќе се оштети, предупредува ревизијата.

Во 2019 година, склучен е договор за јавно приватно партнерство меѓу Владата преку Министерство за здравство и група на економски оператори, за период од 15 години. Приватниот партнер се обврзал да реновира и прилагоди четири објекти во Центри за стерилизација, за две години. Надлежната комисија утврдила дека досега е завршен само еден, а другите не се ни почнати бидејќи не ги предала државата.

„Во август 2024 година од страна на Министерството за здравство подготвена и испратена е информација до Владата, која е разгледана како документ од информативен карактер, при што не се дадени предлог – заклучоци за натамошно постапување“.

Ревизорите предупредуваат дека ако не почне соработка, ќе има економски штети и за двете страни, но ќе влијае и врз квалитетот на здравствените услуги.

Во 2021 година, пак, бил склучен договор за туристички центри во Тетово и Попова Шапка. Државата дала објекти, но наместо за туризам, приватниот парнер ги користел за комерцијални цели. Кога било побарано раскинување на договорот, тој ги префрлил обврските на друга фирма без докази за финансиска способност, што е спротивно на правилата.

Ревизија забележува дека ретко се мери дали проектите носат корист за граѓаните. Во 80% од случаите имало само еден понудувач, што значи немало конкуренција.