Државата троши нешто повеќе од 1 500 денари по глава на жител за правосудството
Нешто повеќе од 1 500 денари или 24,6 евра државата троши по глава на жител за правосудството, што е далеку под европскиот просек од 74,9 евра. Но, гледано како процент од БДП, судскиот буџет е значително над европскиот просек. Државата одвојува 0,39 проценти од БДП за судството, додека европскиот просек е 0,28. Најголем дел од средствата - 78,1 процент оди за судството, 20,9 проценти за обвинителствата и само 1 процент за правна помош.
Иако бројот на судии во земјава е во постојан пад и во последните десет години е намален за околу една третина, со 22,3 судии на 100 илјади жители земјава е нешто малку над европскиот просек од 21,9 судии на 100 илјади жители. Иако 62 проценти од судиите се жени, сепак, бројот на жени претседатели на судови е помал – 41 процент, наспроти мажи кои се претседатели на судови – 59 отсто.
Судиите и обвинителите имаат најниски плати во регионот. Ако на почетокот на кариерата, бруто платата на судиите е двојно помала од европскиот просек, на крајот на кариерата разликата само се зголемува и е речиси четири пати поголема.
Буџетот за ИКТ во судството во земјава бележи раст и гледано како процент од вкупниот буџет на правосудството, бележи раст од 1 процент во периодот 2014-18, на 2,6 проценти во периодот 2018-22 година. Иако буџетската правна помош по жител во земјава е зголемена од 0,16 евра во 2020 на 0,3 евра во 2022, останува еден од најниските во Европа.
Ова го покажува најновиот Извештајот за ефикасност и квалитет на правдата во Европа на Европската комисија за ефикасност на правдата на Советот на Европа (CEPEJ) којшто содржи податоци за 2022. Извештајот ги идентификува главните трендови во судските системи на 44 европски земји и две земји набљудувачи – Израел и Мароко.
Од регионот, за судство најмногу одвојува Црна Гора - 60,5, а најмалку Албанија - 15,8 евра по глава на жител
Во групата А – земји со БДП по глава на жител од 10 илјади евра, каде се наоѓа и нашата земја, најмногу по глава на жител одвојува Црна Гора – 60,5 евра или 0,76 проценти од БДП. Потоа следи Србија со 48,1 евро по глава на жител или 0,54 проценти од БДП. Босна и Херцеговина одвојува 43,6 евра по глава на жител или 0,64 проценти од БДП. Помалку од нас одвојува Албанија – 15,8 евра по глава на жител или 0,29 проценти од БДП.
Од земјите кои се во група Б со БДП по глава на жител меѓу 10 и 20 илјади евра повеќе од нас одвојуваат Бугарија – 73 евра по глава на жител или 0,55 проценти од БДП, Хрватска – 65 евра по глава на жител или 0,38 проценти од БДП и Грција – 50,5 евра по глава на жител или 0,26 проценти од БДП. Од оваа група само Турција одвојува помалку од нас – 15,6 евра по глава на жител или 0,15 проценти од БДП.
Во групата Ц – земји со БДП по глава на жител меѓу 20 и 40 илјади евра сите одвојуваат повеќе од нас меѓу 50 и 150 евра по глава на жител, додека споредено по процент од БДП ниту една не одвојува повеќе од нас и се движат меѓу 0,21 и 0,38 проценти од БДП. Во оваа група е Словенија со 107,1 евро по глава на жител или 0,38 проценти од БДП, Италија со 100,6 евра по глава на жител или 0,31 процент од БДП и Франција со 77,2 евра по глава на жител или 0,20 проценти од БДП.
Во групата Д – земји со БДП по глава на жител над 40 илјади евра земјите одвојуваат меѓу 80 и 250 евра по глава на жител или од 0,09 до 0,30 проценти од БДП. Во оваа група се Швајцарија со по 245,6 евра по глава на жител или 0,28 проценти од БДП, Луксембург со по 194 евра по глава на жител или 0,16 проценти од БДП, Австрија со 141 евро по глава на жител или 0,29 проценти од БДП, Германија со 136,1 евро по глава на жител или 0,30 проценти од БДП и Данска со 96,7 евра по глава на жител или 0,15 проценти од БДП.
Генерално повеќе од две третини од правосудниот буџет на земјите оди за плати, нешто помалку од 10 отсто за судските згради, речиси 6 отсто за компјутеризација, а само 0,6 за обуки и едукација. Во споредба со претходниот извештај, најголем раст од 54 проценти има во буџетот за обуки и едукација и компјутеризација 24 отсто. Буџетот за плати има раст од 10 отсто, додека инвестирањето во нови згради и простории има намалување од 40 отсто.
За десет години бројот на судии е намален за една третина, но се уште е над европскиот просек
Бројот на професионални судии во земјава е намален за еден третина во десет години од 32,4 судии на 100 000 жители во 2012 година, на 22,3 судии во 2022 година. Во меѓувреме европскиот просек е константен на 17,6 судии на 100 000 жители. Генерално источноевропските земји се над европскиот просек, додека западноевропските под европскиот просек на судии на 100 илјади жители. Па така, Англија и Велс имаат по тројца судии на 100 илјади жители, Франција и Шпанија по 11, Италија 12, додека Германија 24,7 судии на 100 илјади жители.
Од земјите во регионот само Албанија има помалку судии од нас, по 11,4 на 100 илјади жители, потоа следат Босна и Херцеговина со 29, Бугарија со 33,9, Грција со 37, Србија со 39,1 и Хрватска и Црна Гора со по 42,4 судии на 100 илади жители.
Земјите со повеќе професионални судии, исто така, имаат и повеќе судска администрација. Просечниот европски сооднос е околу 4 вработени во судска администрација на 1 судија, додека кај нас тој изнесува 5 на 1 судија.
Со 8,5 јавни обвинители на 100 илјади жители ние сме далеку под европскиот просек од 12,2. Најмногу обвинители имаат Бугарија, Латвија и Молдавија – над 23, додека најмалку Франција и Ирска под 3 јавни обвинители на 100 илјади жители.
На еден јавен обвинител во земјава има 2,3 вработени не јавни обвинители, што пак е над еврпскиот просек, каде на еден јавен обвинител има 1,5 вработени не јавни обвинители.
Судиите и обвинителите во земјава имале речиси двојно повеќе обуки во однос на европскиот просек. Судиите во земјава во просек посетиле по 3,4 обуки, наспорти европскиот просек од 1,9 обуки, додека јавните обвинтели имале 4,1 обука, наспроти европскиот просек од 1,3 обуки по јавен обвинител.
Бројот на адвокати е зголемен од 121,1 адвокат на 100 000 жители во 2012, на 153,5 адвокати во 2022 година и е во рамки на европскиот просек од 155,5 адвокати на 100 000 жители.
Судиите и обвинителите со најниски плати во регионот и далеку под европскиот просек
Судиите во земјава на почетокот на кариерата имаат сооднос на 2,1 плата наспроти просечна национална плата. Додека ова е исто со европскиот просек, на крајот од кариерата европскиот просек на платата на судиите е 4,3 пати над просечната национална плата, додека кај нас тој сооднос е 2,9 пати.
Бруто платата на судиите на почеток на кариера изнесува 19 171 евро, што е многу под европскиот просек од 46 812 евра. Оваа разлика само се зголемува со годините стаж, па така на крајот на кариерата кај нас судиите заработуваат во просек по 27 023 евра, додека европскиот просек е речиси четири пати поголем – 100 367 евра.
Од земјите во регионот судиите во Црна Гора на почетокот на кариерата заработуваат 19 557 евра, во Србија 20 967 евра, Албанија - 25 304 евра, Хрватска – 27 754 евра, БиХ – 29 224, Бугарија – 30 085 и Грција – 31 710 евра.
На крајот на кариерата платите на судиите во Албанија стигнуваат до 32 420 евра, Црна Гора – 32 864, Србија – 49 741, Бугарија – 53 144, БиХ – 55 907, Хрватска – 57 558 и Грција – 96 037 евра.
Јавните обвинители во земјава со 1,9 пати над просечната националната плата на почетокот на кариерата имаат нешто над европскиот просек од 1,7. Но, оваа почетна предност не е доволно, па на крајот од кариерата имаат 2,7 пати над просечната национална плата, што пак е под европскиот просек од 3,2 пати.
Обвинителите на почетокот на кариерата имаат бруто плата од 18 014 евра, што е под европскиот просек од 42 249 евра. На крајот од кариерата македонските обвинители заработуваат во просек по 25 461 евра, што е под европскиот просек од 70 090 евра.
Од земјите во регионот јавните обвинители во Црна Гора на почетокот на кариерата имаат плата од 18 310 евра, Србија – 18 368, Албанија – 23 507, Хрватска – 27 754, БиХ – 29 266, Бугарија – 30 085 и Грција 31 710 евра.
На крајот на кариерата платите на јавните обвинители достигнуваат до 31 673 евра во Албанија, 32 650 – Црна Гора, Србија – 34 595, Бугарија – 53 144 евра, БиХ – 55 611 , Хрватска – 57 558 и Грција – 87 247 евра.
Буџетот за Информатички и комуникациски технологии (ИКТ) во судството расте
Во просек буџетот наменет за ИКТ технологија бележи раст во сите земји, освен во две каде е намален. Гледано како процент од вкупниот буџет на правосудството, тогаш буџетот за ИКТ технологии е зголемен во 22 земји, а намален во осум.
Буџетот за ИКТ во судството во земјава по глава на жител во просек во периодот меѓу 2018 и 2022 година изнесувал 0,54 евра, што е значителен раст споредено со перидоот 2014-18 кога изнесува 0,15 евра. Истовремено, гледано како процент од вкупниот буџет на правосудството, бележи раст од 1 процент во периодот 2014-18, на 2,6 проценти во периодот 2018-22 година.
Од земјите во регионот повеќе за ИКТ технологија издвојуваат судските власти во Хрватска – 2,21 евро по глава на жител, Црна Гора – 0,79 евра, Србија – 0,62 евра, додека помалку Босна и Херцеговина – 0,52 евра по глава на жител и Бугарија – 0,32 евра. Албанија, дури има и намалување на буџетот за ИКТ од 0,10 евра по глава на жител во 2014-18 на 0,08 евра во 2018-22 година.
Данска одвојува 8,6 проценти од судскиот буџет за ИКТ технологии или 4,08 евра по глава на жител. Финска – 8,3 проценти или 5,39 евра, додека Холандија – 10,2 проценти или 6,80 евра.
Извештајот во делот на ИКТ за земјава, покажува дека индексот на распоредување на ИКТ во земјава е 3,3, што е под европскиот просек од 4,16. Најсилната ИКТ категорија е „менаџмент на случаи“, и е 56% повисок од вкупниот индекс, што укажува на тековната дигитализација на главниот регистар на случаи. Извршителите имаат електронски софтвер за управување со предмети и се поврзани со земјишниот регистар и бази на податоци. Во подготовка е нова ИКТ стратегија, додека стратегијата 2019-2024 не е финализирана.
Ефикасност и квалитет на судскиот систем
Извештајот на CEPEJ во делот за ефикасност и квалитет, оценува дека во Северна Македонија, високиот број на судии во пензија во 2022 година, предизвикана од новата задолжителна возраст за пензионирање, веројатно довела до намален број на решени предмети и, следствено, зголемено време на решавање. Генерално, судовите се најефикасни во кривичната област и во трет степен. Одделно, третостепениот суд се чини дека е најефикасен, додека времето на решавање е највисоко во прв степен во граѓански и деловните парнични предмети. Најзначајно намалување на времето на решавање има во административните предмети во највисокиот суд.
Во извештајот за ефикасноста се оценуваат два индикатори. Првиот CR се добива со делење на бројот на решени предмети со број на дојдовни случаи во даден период, изразено во проценти. Тоа покажува како судот, или судскиот систем се справува со приливот на предмети и овозможува споредба помеѓу системите без оглед на нивните разлики и индивидуалните карактеристики. Ако CR е над 100% тогаш судот решавање повеќе предмети од новопримени и се намалува бројот на заостанати. Во спротивно, ако CR е под 100% тогаш судот решавање помалку предмети од новопримени, со што се создава застој.
Вториот индикатори DT е времето во теорија потребно за еден предмет да се реши со моменталното темпо на работа на судовите. Се пресметува со делење на бројот на нерешени предмети со бројот на решени случаи во одреден рок, тогаш множејќи се со 365 за да се изрази резултатот во денови. Ако DR е над 365 дена тоа сугерира дека има повеќе случаи во очекување отколку решени, додека DT под 365 дена укажува на спротивното.
Во теорија времето за решавање на еден случај (DT) во прва инстанца во граѓански судови е 312 дена, во кривичен – 159 дена и во административен – 303 дена. Во второстепени судови за граѓански спорови DT е 166 дена, во кривичен 129 и во административни – 92 дена. Во највисок, трет степен DT за случаите од граѓанска природа е 217 дена, од кривична област 39 и во административна 26 дена.
Граѓански и трговски парнични случаи во основни судови во 2022 година за Северна Македонија, заедно со Албанија и Црна Гора влегуваат во катергорија на земји кои создаваат заостанати предмети. Стапката на CR е под 90%. Босна и Херцеговина, Грција и Малта се во групата на земји со загружувачки ниска стапка на CR. Ист е случајот и со кривични предмети во прв степен, каде земјава заедно со Албанија, Азербејџан и Грција е во категорија на земји кои создаваат заостанати предмети.
Буџетот наменет за правосудниот систем во повеќето европски земји останува низок споредено со другите јавни сектори
Извештајот покажува дека делот од буџетот наменет за правдата во повеќето европски земји останува низок во споредба со другите јавни сектори, што претставува околу 0,31% од БДП. Во просек, секоја земја троши 85,4 евра по жител на својот правосуден систем (7,31 евра повеќе отколку во 2020 година). Побогатите земји генерално издвојуваат повисок буџет за правосудниот систем, понекогаш надминувајќи 200 евра по жител, додека помалку богатите земји посветуваат поголем процент од својот БДП на правдата, што одразува поголем напор во однос на нивните економски ресурси.
Во просек, 2/3 од буџетот на судските системи на државите се троши на судови, 25% на јавните обвинителства, а остатокот на правна помош (11%). И покрај зголемувањето од 11,74% и 18,75% во буџетите на судовите и јавните обвинители соодветно, има забележително намалување од 16% во трошоците за правна помош од 2020 година. Побогатите земји (со БДП по жител над 20.000 евра) генерално инвестираат повеќе во правна помош, со просечно 24% од судскиот буџет наменет за правна помош, во споредба со само 3% во помалку богатите земји.
Вкупно 44 земји-членки нудат бесплатен онлајн пристап до правни текстови, судска пракса од повисоките судови и разни информации за судскиот систем преку веб-страниците на нивните судови. Само во три земји-членки пристапот до судот е бесплатен. Сепак, правната помош е достапна во сите 46 земји-учеснички, иако условите за нејзино добивање варираат. Во некои земји, специфични категории на луѓе како што се жртви на семејно или сексуално насилство, имигранти или баратели на азил автоматски имаат корист од оваа помош.
Трендот на намалување на бројот на судови во Европа беше потврден во 2022 година. Во исто време, постоењето на алтернативни механизми за решавање спорови – судско посредување постои во сите земји-членки – како и дигитални решенија, се повеќе се гледа како средство за подобрување на пристапот до правдата.
Извештајот на CEPEJ во делот на ефикасноста на судските системи покажува дека тие имаат значително подобрување во 2022 година во споредба со 2020 година. Додека во теорија времето потребно за процесуирање на случаите е намалено во целост во споредба со 2020 година, ситуацијата се разликува во зависност од видот на случајот (граѓански, кривичен, управен) и степенот на надлежност (прв, втор, трет степен). На пример, додека кривичните предмети бележат намалување на времето на процесуирање во прв степен, граѓанските и деловни случаи сè уште не се вратиле на нивните нивоа пред пандемијата, со зголемување на времето на обработка во прв и втор степен. Третостепените судови беа најефикасни за сите видови предмети. Медијацијата поврзана со судот останува недоволно искористена во 25% од државите што обезбедуваат податоци.
Инвестициите во ИКТ се постојани и речиси сите држави го зголемиле просечниот буџет за ИКТ по жител. Ова ја покажува зголемената важност на ИКТ за судскиот систем. Од последниот циклус и по Ковид, многу држави и ентитети постигнаа значителен напредок во воведувањето на рочишта на далечина во судовите и во 33 држави тоа е можно во кривичната материја. Дополнително, за време на овој циклус на евалуација се појавија нови иновативни алатки за помош на судиите, што го сигнализира почетокот на значајни случувања што ќе бидат видливи во текот на следниот циклус на оценување, покажува Извештајот на СЕРЕЈ.
Ова е десетти евалуациски извештај од формирањето на CEPEJ во 2002 година, првиот што го мери влијанието на Ковид пандемијата врз судските системи, им нуди на креаторите на политиките и на професионалците во правосудството практична и детална алатка за подобро разбирање на функционирањето на правдата во Европа за подобрување на нејзината ефикасност и квалитет.
Ново на Сител
-
Му кажале дека има биткоини но дека треба да има 200.000 ден. на сметка за да ги подигне, 45 годишен маж измамен во Куманово
-
Повторен конкурс за сместување во студентски домови каде што има слободни места
-
Син ми беше зависник ама се излекува пред да се ожени, сведочеше дедото на Вања
-
Пленковиќ по апсењето на Берош: Ова е чин на предавство
-
ДУИ бара предвремени избори
-
Прекината блокадата на кочанската депонија
-
Саат на Џон Ленон вратен кај Јоко Оно по судски спор
-
На 101 година почина јапонската принцеза Јурико Такаги