Македонија
17. July 2021 - 16:54

Дождот ги собра фекалиите од Пржино во Кисела Вода

Градилиште во скопска Кисела Вода се претвори во огромно езеро од фекалии и отпадна вода. Вака изгледа ископот за новата десеткатница која се гради на улица Дренак, откако вчера при изведување на градежни активности пукнала канализациона цевка, а дополнителен проблем направија и врнежите.

Соседите стравуваат за своите имоти. Ископот е многу блиску до другите објекти, а земјата од околу веќе почнала да се рони. Велат дека ова не е прв пат да се случат поплави поради обилни дождови.

Од Општина Кисела Вода велат дека инспектори излегле на терен и утврдиле дека цевката е санирана.

“На 16 јули петок, во вечерните часови пријавено е оштетување на канализациона цевка при градежни работи. На 17 јули сабота во утринските часови, комунален и градежен инспектор на општина Кисела Вода извршија увид во состојбата и утврдија дека штетата е санирана. Одговорното лице на инвеститорот е покането на 19 јули, понеделник да ја презентира причината за настанатата штета”, информираат од кабинетот на градоначалникот на Кисела Вода.

Жителите од околината се гневни на локалната власт, бидејќи во нивното маало има многу нови згради, а нема ниту добра патна инфраструктура ниту, пак, доволно паркинг простор.

Жителите се плашат дека проблемот со истекувањето на фекалиите ќе стане уште поголем бидејќи се очекуваат нови силни врнежи, а токму до градилиштето на десеткатницата се наоѓа главниот колектор, каде се спојува канализацијата од околината и од цело Пржино.