Досега евидентирани 138 шумски пожари, штетите милионски
Шумската пожарна сезона сè уште не е завршена. Во земјава се активни три шумски пожари, кај Рамно, Крушевско, Кривогаштани и во Струшко. Од „Национални шуми“ очекуваат најавените врнежи и падот на температурите да придонесат за нивно целосно гаснење.
-Оваа година, до овој момент, согласно податоците кои ги имаме како претпријатие, во првите 2 квартали и месецот јули имаме вкупно 138 пожари. Тоа е бројка којашто е во рамки на оние бројки коишто ги имаме во изминативе години, изјави Кире Михаилов, заменик директор на ЈП „Национални шуми“.
Иако бројот на пожарите е во рамките на просекот, штетите се милионски.
-Согласно оние пресметки коишто јас ги имам добиено од страна на нашите стручни служби, заклучно со месец јули, штетата се движи некаде околу над 4 милиони евра.Тоа е голем штета, меѓутоа во однос на тоа што го имавме во текот на изминатите години, сметам дека е ралативно мала. 2024-та година имавме фрапантна бројка од преку 83 милиони евра штета, а минатата 2025-та ја завршивме со над 50 милиони евра штета, додаде Михаилов
Најголемите пожари кои зафатија најголема површина годинава беа во месец август, а токму тие би можеле да ја зголемат конечната пресметка. По гаснењето, стручните служби ќе утврдуваат дали опожарените површини треба да се чистат и пошумуваат или природата може сама да се обнови.
-Без разлика колкава површина ќе биде зафатена од секој пожар, тоа не значи дека таа цела површина е целосно уништена. Доколку стеблото или пак листењакот воопшто не се чепнати од пламени јазици, тогаш таа шума ќе се многу лесно самообнови, изјави Михаилов
Апсолутен рекордер била 2007-ма година, со вкупно 652 шумски пожари, која за среќа до сега не се повторила.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
