Македонија
28. April 2022 - 16:33

Донфрид: Предолго се одолговлекува интеграцијата на Македонија

Јасна порака од американската дипломатија. Почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ предолго се одолговлекува, а пристапувањето на земјава во ЕУ ќе донесе поголема стабилност и просперитет не само на Балканот, туку и во Европа.

Ја пренесе Карин Донфрид, американскиот помошник државен секретар за европски прашања, по едночасовната средба во македонското МНР и министерот Османи.

„Ние силно ги поддржуваме вашите аспирации и сакаме што побрзо да се одржи меѓувладината конференција со Македонија и со Албанија. Веќе предолго се одолговлекува одржувањето на оваа конференција. Вие исполнивте тешки задачи и ги исполнивте потребните реформи, затоа заслужувате брзо да напредувате”

Во придружба на Габриел Ескобар, американскиот специјален пратеник за Балканот, Донфрид за Македонија рече дека е стабилен НАТО партнер, кој со поддршката на Украина застанал на вистинската страна.

Токму овој геополитички момент треба да го препознае Унијата и да го исполни својот дел од задачата, се надоврза Османи. Го најави и продлабочувањето на односите со САД, преку соработка во повеќе области, како регионална безбедност, владеење на правото, економијата.

„Она што особено ме радува е што денеска договоривме зајакнување на ова наше партнерство, преку претстојниот стратешки дијалог меѓу САД и Македонија што ќе се одржи на 2 јуни во Вашингтон. Посебна чест е што Македонија е прва земја од Западен Балкан која отвора стратешки дијалог со САД”

Посетата на Донфрид е дел од засилената американска активност во регионот. Засилување на поддршката на Македонија и Албанија во напорите да станат дел од Европската унија вчера била тема и на телефонскиот разговор меѓу американскиот државен секретар Ентони Блинкен и шефот на француската дипломатија Ле Дриан, но детали за разговорот не се соопштени.