Дом за стари лица во Прилеп инсталираше фотоволтаични панели
Домот за стари лица, „Киро Крстески-Платник“ во Прилеп инсталираше 100 фотоволтаични панели и 30 термални колектори, надополнети со термална пумпа. Со овој проект заштедите на Домот за електрична енергија ќе изнесуваат околу 40% годишно. Инаку домот за стари лица е втор по големина потрошувач во Прилеп кога станува збор за јавните претпријатија или установи.
„Фотоволтаичната централа генерира низа придобивки за Домот помеѓу кои намалување на трошоците за греење и ладење, намалување на трошоците за работа преку намалување на употребата за екстра лесно гориво и подобрување на личбната хигиена на штитениците. Меѓутоа има бенефит и за животната средина“, изјави Благојче Стојаноски, диретор на Дом за стари лица, „Киро Крстески-Платник“ – Прилеп.
„Инаку оваа установа е втор по големина потрошувач на енергија во нашиот град, после пречистителната станица и која што работи 365 дена во годината, по 24 часа дневно“, истакна Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
Проектот се реализираше преку Пелагонискиот плански регион и Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој, а инвестицијата чини над 6.700.000 денари.
„Исто така во моментов се работи на изведба на таложник за пречистителната станица со кој што ќе се заштити животната средина со отпадните води како и трошоците за одржувaње на станицата“, додаде Јосиф Балтов, директор на Пелагонискиот плански регион.
Новите пратеници од Прилеп истакнаа дена ќе побараат и промена на сегашниот закон со кој што јавните претпријатија формирани од страна на Општината ќе смеат да произведуваат електрична енергија за своите потреби.
„Ќе побараме како пратеници од Прилеп измена на овој закон во смисла да се симне рамката и истата да се прошири и на јавните претпријатија кои што се под надлежност на локалната самоуправа за да може и тие за сопствени потреби да користат обновливи извори на енергија“, потенцираше Дејан Проданоски, пратеник и претседател на Совет на Општина Прилеп.
Домот за стари лица „Киро Крстески - Платник“ згрижува 150 штитеници од цела Македонија.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар