Македонија
1. October 2023 - 17:49

Дојран имаше успешна туристичка сезона, но неплаќањето туристичка такса сериозно влијае врз општинската каса

Неплаќањето на туристичката такса останува еден од главните проблеми во Дојран. И покрај општата оценка дека овој туристички центар имаше уште една успешна сезона, конкретни показатели за вкупниот број на туристи кои годинава одмарале покрај брегот на Дојранското Езеро нема. Според процените на општината летово се реализирани околу сто илјади ноќевања, но оваа бројка не можат да ја потврдат со сигурност  бидејќи голем број од издавачите на соби и апартмани не ги пријавуваат гостите.

Градоначалникот на Дојран вели дека веќе со години организираат низа средби преку кои ги информираат граѓаните за важноста од плаќање на туристичката такса, но резултат нема и затоа од следната година најавува засилени контроли и поригорозни мерки.

Од општина Дојран велат дека нивна тенденција е развој на туризмот во текот на целата година, а не само во летниот период. Во таа насока биле и повеќе проекти што ги реализираат,  како и санација на стари културно историски објекти кои значат збогатување на понудата за привлекување на повеќе туристи надвор од сезоната. Сето ова планираат да го реализираат преку новоформираното јавно претпријатие кое веќе подготвува туристички тури до фронтовата линија, саат кулата и турската бања кои се возобновени после 115 години од разурнувањето на Дојран.