Договор за стратешко партнерство со Велика Британија
Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство е втор столб на меѓународната позиционираност по стратешкото партнерство со САД. Премиерот Мицкоски и британскиот амбасадор во земјава, Метју Лосон на заедничка прес-конференција по вчерашната средба Мицкоски – Стармер.
Фундамент на договорот е инвестициски циклус кој ќе има вкупна рамка од 6 милијарди евра британски пари. Мицкоски вели, договорот ќе придонесе во модернизација на македонските вооружени сили и подлабока интеграција во стандардадите на НАТО, поголема безбедност на границите, а ќе овозможи досега најсилна економска соработка меѓу двете влади.
- Дел од овие пари ќе бидат употребени за инвестиции во инфраструктурата. Изградба на модерна карго и брза патничка железница од Табановце до Гевгелија, инвестиции во здравството и нови болници, завршување на проектот на Клиничката болница во Штип, заедно со зградата на новиот Медицински факултет, Студентски дом со капацитет од двесте легла, изградба на болницата во Кичево заедно со Здравствен дом, реконструкција на Клиничката болница во Тетотово итн, вели Мицкоски.
Британскиот амбасадор оцени дека договорот е врвен момент во билатералните односи меѓу двете држави, изградена на заеднички вредности, заедничко членство во НАТО и мошне богата трговска размена.
- Ние сме големи инвеститори и британската влада реши да го надградува тоа преку договор меѓу двете влади кој се фокусира на трговија и инвестиции за да се креира поголем раст и стотици милиони фунти од кои граѓаните на оваа земја ќе имаат корист заедно со граѓаните на нашата земја. Затоа ова е фантастичен момент, како што рековте премиере. Навистина ми е драго за зацврстувањето на нашето партнерство, рече Лосон.
Сепак, премиерот Мицкоски не даде многу детали околу условите под кои државата ќе се задолжи и ќе ги добие шесте милијарди евра од Велика Британија.
- Јас отприлика контурите ги знам бидејќи се договараат со месеци и можам да кажам дека се најдобрите што некој може да ги има на пазарот. Но се уште не е тоа финиширано, се уште не е конечно иако сме блиску до конечно решение. Многу скоро од денеска и тоа ќе биде објавено во јавноста, рече Мицкоски.
Прашан како овој заем од шест милијарди евра ќе влијае на јавниот и државниот долг Мицкоски вели вбризгувањето на британските пари во македонската економија ќе биде паралелен процес со растот на Бруто домашниот производ на државата. Дополнително, според него, олеснителна околност е грејс периодот кој го дава британската Влада, со оглед на тоа што Македонија парите ќе почне да ги враќа од 2027 година.
- Очекувам да Бруто домашниот производ побргу расте од долгот такашто очекувам дека во крајна смисла ефектите да бидат со намалување на јавниот долг, а не со зголемување бидејќи станува збор за капитални инвестиции. Не станува збор за позајмување пари за трошења, социјални трансфери итн. Знаете, во градежништвото парите најмалку трипати се вртат. Така што, јас не очекувам да има некакви импликации во тие параметри. Уште повеќе што првата фактура треба да пристигна на почетокот на 2027 година, вели Мицкоски.
Британскиот премиер Стармер во Тирана отиде со агенда да најде чаре за големиот број на илегални мигранти во Обединетото Кралство. Беше одбиен од албанскиот премиер Еди Рама за изградба на кампови во кои би се стационирале азилантите кои ќе бидат одбиени од британската Влада. Стармер кажа дека Британија е во комуникација со други држави, но не ги откри. По ова во британските медиуми се пишуваше дека како можни приматели на мигранти се државите од Западен Балкан, меѓу кои Србија, Босна и Херцеговина, а некаде се споменуваше и Македонија. Прашан за овие пишувања во британските медиуми, Лосон демантираше и вели дека согласно договорот, соработката околу мигрантите е во делот на разузнавачките информации.
- Тоа се однесува на полициските сили кои ќе работат заедно, соочување со криминалните банди, подобро споделување на разузнавачки информации. И тоа се прави со неколку други европски земји тука. Ние како Британци мораме да го имаме тој механизам и самите билатерално со земјата и ова е навистина за тоа што се работи. Сосема е друга приказна тоа што се зборува дека ќе се прифаќаат мигранти. Не се работи за тоа. Сакам да бидам навистина да бидам јасен во тој дел затоа што она на што се договоривме е дека ова е широко партнерство во однос на безбедноста, трговијата, одбраната, образованието и инвестиции, рече Лосон.
Со оглед на тоа што Велика Британија се соочува со големи проблеми со илегалната миграција, барем засега, стратешкото партнерство нема да значи укинување на визите за македонските државјани. Лосон вели дека ќе му биде задоволство во рамки на партнерството двете држави да разговараат за ова прашање, но појаснува дека миграцијата е политичко прашање внатре во Велика Британија.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар