Балкан
27. July 2016 - 12:13

Додик: БиХ е опасна земја за живеење за сите народи

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик изјави дека палењето на српски знамиња, промовирањето на Исламската држава (ИД) во БиХ и повикот за тероризам, во момент кога ширум Европа се вршат терористички напади, е јасен знак дека БиХ е опасна држава за живеење и како таква не е добра за ниту еден народ, посебно не за Србите.

Коментирајќи ја видео снимката, која вчера ја објави весникот „Независне новине“, а на која се прикажани две маскирани лица во шума каде палат српски знамиња, Додик потсети дека власта во РС долги години укажува „дека нема иднина во БиХ, која претставува центар за обука на терористи, кои дејствуваат ширум Европа и светот и каде слободно се промовира тероризмот“.

- Србите не сакаат да живеат во заедница во која царува радикален ислам, каде се палат српски знамиња со закани и истрели од оружје, каде се прикачуваа знамиња на ИД и на босанската војска и каде сето тоа се прикрива, нагласи Додик.

Тој додаде дека БиХ моментно е најголем европски извозник на борци за ИД по глава на жител, оценувајќи дека тоа е опасност што се премолчува во земјата, а цела енергија се пренасочува кон напади и деградирање на РС.