Македонија
15. January 2019 - 16:37

Додека државата спроведува тендерски процедури „Грофчански мост“ пропаѓа

Грофчански мост, еден од најубавите мостови во Кратово, изграден на почетокот на 18-тиот век, секојдневно губи камен по камен и е во состојба пред уривање.

Иако Сител пред точно една година алармираше кога добар дел од носечкиот столб на мостот се одрони и падна во водите на Кратовска река, оттогаш до денес ништо не е направено. Градоначалникот на Кратово во неколку наврати реагираше до Управата за заштита на културното наследство, но за жал, санацијата на мостот никако да започне.

Трагично е што државата има обезбедено пари за санација на мостот, но мостот и натаму пропаѓа поради сложените тендерски лавиринти. Директорот на Музејот во Кратово, Илија Митевски, жали што државата не дозволува прочуените кратовски ѕидари да ја завршат работата, кога веќе големите градежни компании немаат финансиски интерес да го санираат.

-Министерството за култура додели 400.000 денари за санација на мостот. Тие пари беа префрлени на Конзерваторскиот центар кој требаше да ги изведе градежните зафати. Тие распишаа тендер на кој може да се јават само фирми со лиценца А. Такви фирми за толку мали пари не се нафаќаат да работат и така пропадна тендерот и мостот сеуште не е конзервиран – изјави Илија Митевски, директор на Музејот во Кратово.

Граѓаните на Кратово очекуваат Конзерваторскиот центар да најде решение и да спречи поголеми оштетувања. Состојбата во која се наоѓа Грофчански  мост непријатно ги изненади и бројните туристи во градот. Велат недозволиво е градот кој со право го носи епитетот „град на кули и мостови“,  да се срами токму од објектите кои се под заштита на државата.