Македонија
16. December 2020 - 16:59

До македонско државјанство со изјава од тројца сведоци?

Македонско државјанство да добијат и лицата кои живееле во земјава во периодот пред осамостојувањето доколку тоа со изјава го потврдат тројца сведоци. Ова е дел од предлог-измените на Законот за државјанство, што Алијанса за Албанците и Алтернатива го поднесе до Собранието.

Се предлага лицата државјани на другите републики од поранешна СФРЈ, кои до 8 септември 1991 година живееле во Македонија да може да се стекнат со македонско државјанство со дадена изјава од тројца сведоци, кои ќе потврдат дека подносителот на барањето живеел на македонска територија, или со дадена изјава од сведок кој во тој период бил жител или сè уште е жител во местото во кое живеело лицето. Според предлогот, неопходно ќе биде познавањето на еден од службените јазици.

Албанскиот опозициски блок бара законот да се донесе по скратена постапка. Доколку се изгласа, на лицата кои останале без македонско државјанство по распадот на СФРЈ ќе им овозможи да добијат документ и да влезат во пописот во април следната година.

За сега нема официјален став од другите политички партии дали ќе ги поддржат овие законски измени, кои може дирекно да влијаат на резултатите на пописот на пролет. Неофицијално, владејачката СДСМ има бројни забелешки на предлогот, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ сè уште гради став за предложеното.

Инаку, од своето осамостојување Македонија целосно спроведе само два пописи, последниот во 2002 година. Постои и трет, но неуспешен попис на населението од 2011 година, кога по само 10 дена пописот беше прекинат токму поради разликите во толкувањето на тоа кој сè може да биде попишан, поточно спорно беше попишувањето на лицата кои повеќе од една година не се во земјава.