Македонија
12. August 2016 - 14:12

До 15 август ископувања на археолошкиот локалитет Градиште

Интензивно се работи на ископувањата на археолошкиот локалитет Градиште во кривопаланечкото село Градец. Истражувањата ги организира локалната установа Градски музеј-Крива Паланка со финансиски средства од Министерството за култура. 

Ова е прв локалитет кој го има отворено Градски музеј-Крива Паланка и комплетно го третира од 2013 година, вршејќи самостојни истражувања.

- Благодарение на Министерството за култура, кое ги поддржа нашите барања и редовно ни доделува финансии од годишната програма, археолозите интензивно работат во период од три недели и покрај високите температури кои владееја во Кривопаланечко. Задоволен сум од истражувањата, а постојаната археолошка поставка во Музејот се надополнува со артефакти, рече Драган Величковски, директор на Градски музеј-Крива Паланка.

Тим експерти од областа на археологијата на терен врши ископувања на една од парцелите на северниот бедем на локалитетот, кој е со вкупна површина од околу 5.000 метри квадратни.

- Во археолошката карта за Кривопаланечко и Ранковце, евидентирани се вкупно 90 локалитети, од кои Градиште е меѓу најважните. Трета година сме на локалитетот, кој претставува доцно-античко утврдување со вертикална стратегија на артефакти од рана и доцна бронза, без досегашни докази за населеност, се до доцниот среден век, 14-ти век, изјави кустос-советник Цоне Крстевски, координатор на тимот за истражувања на Градиште.

Годинашните ископи се прават на сонди од 25 метри квадратни на северниот бедем, кои потекнуваат од доцната антика.

- Пронајдени се бројни артефакти од трети до шести век, времето на Константин, што е потврдено со многу монети кои ги ископавме. Утврдивме многу важни факти кои даваат сигурност за долната и горна граница на локалитетот. Има керамички садови, делови, унвертариуми-керамички садови за парфеми, кандилца, чинии, садови за домаќинство, ретка лакирана керамика, монети од времето на Јустинијан со К-буква, која потекнува од Константинопол, додаде Крстевски.

Според доказите од северната падина на Градиште, Крстевски очекува во централниот дел да биде пронајден некој сакрален објект, црква или базилика, што ќе потврди дека тука немало само воен логор и утврдување, туку и место за живеење.

Локалитетот бил утврдување кое било попатна станица и го чувало патот т.н. Римски пат од доцна антика, од денешно Скупи-Скопје, преку Пауталија-Ќустендил до Сердика-Софија.

- По процесот на конзервација, кој е планирано да се изврши следната година, ќе се направи периодизација и концепт, а подоцна артефактите ќе бидат презентирани за јавноста во постојаната археолошка поставка во Музејот. Досега Министерството не поддржа со 600.000 денари. Обемна е квадратурата на локалитетот, а не е истражена ниту една четвртина, поради што ќе бидат потребни големи финансии и во следните пет-шест години. Доколку имаме доволно средства се надеваме дека ќе го истражиме целиот локалитет, додаде Величковски.

Ископувањата е предвидено да траат до 15 август. Подоцна би следувала конзервација на локалитетот и подготовка на проекти за негова промоција како туристичка дестинација. Величковски напомена дека во соработка со општина Крива Паланка ќе се размислува за изградба на патна инфраструктура за достапност на Градиште и поврзување со испосницата на пустиножителот свети Јоаким Осоговски.