ДКСК: Не се потврдени наводите за коруптивно однесување при доделување концесии на „Еленица“ и „Тотал инжинеринг“
Државната комисија за спречување на корупција на денешната 46-та седница ја запре постапката поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, според која, фирми кои се во тесно сродство со премиерот Зоран Заев добиле концесии за природни минерали, бидејќи не се потврдени наводите за коруптивно однесување од пријавата.
Членот на ДКСК, Катица Николова појасни дека врз основа на пријавата тие отвориле два предмети – еден во делот за корупција и еден во делот за судир на интереси при доделување на концесии на фирмите „Еленица“ и „Тотал инжинеринг“.
– За „Еленица“ добивме информации од Министерството за економија дека е корисник на концесија од 1997 година, а „Тотал инжинеринг“ има добиено и друга концесија, која постапка е започната во 2013 година. Кои закони важеле тогаш, истиот закон важи и сега и постапките не се променети, што значи дека улогата на премиерот Зоран Заев, како премиер на Влада, воопшто не влијаело на донесување на овие одлуки. Така, што од аспект на коруптивно однесување наводите во пријавата не се потврдени и предлагам постапката да се запре, изјави Николова.
Таа посочи дека за предметот им биле навремено доставени податоци од Министерство за економија и од Влада.
– Концесиите ги доделува Владата, без разлика кој ја споделува постапката, таа ја спроведува конечната одлука. Како корисник на концесија за експлоатација на минерални суровини може да биде секое правно лица. Огласот се објавува јавно и секој што сака може да поднесе интерес, изјави Николова.
Пријавите, посочи таа, кои се доставени до нас се однесуваат на доделени концесии на „Тотал инжинеринг“, потпишани од техничкиот министер Оливер Спасовски.
– Процедурите воопшто не се надвор од предвидените одредби. Доставено е барање, Министерството излегло на терен. Формирана е комисија и за предметната локација понуда дал „Тотал инжинеринг“. Доставен е елаборат за експлоатација и дури во март 2018 година од Министерството за економија до Владата е доставено барање за издавање на концесија, изјави Николовска.
За да може да се работи, според Николовска, секој има право на еднаков пристап до услугите кои ги дава јавната власт.
– Постапката за доделување концесии ниту ја врши Владата, ниту донесува конкретни одлука, тие само донесуваат конечна одлука. Постапката ја спроведува Министерство за економија од Комисија составена од 20 члена и тие се одговорни за нејзино законско спроведување. Концесијата се однесува за експлоатација на глина. Од аспект на коруптивно однесување, наводите во пријавата не се потврдени и предлагам постапката да се запре, изјави Николовска.
Членот на ДКСК, Софка Дојчиновска појасни дека во делот на пријавата за судир на интереси, се обратиле до Владата за сите информации за постапувањето при доделувањето на концесија на „Еленица“ и „Тотал инжинеринг“.
– Од Владата добивме целосна документација и се констатира дека при носење на одлуката за доделување концесија за експлоатација на глина во село Рибари, Струмица, одлуката е потпишана од првиот заменик на претседателот на Владата, Артан Груби. Заев го пријавува својот интерес и истакнува дека Груби ќе продолжи со работа со седницата кога ќе се одлучува за доделување на концесијата. Видно од документацијата претседателот на Владата, Зоран Заев не учествувал во расправата и одлучувањето по 44-та точка, а тоа е оваа наведена одлука, изјави Дојчиновска.
Донесувањето на одлуката од Владата, посочи таа, е само завршен чекор од една долга и опсежна постапка што ја спроведува друг орган.
– Утврдуваме дека нема повреди на членот 73 од Законот, бидејќи при носење на одлуките не е утврдено прикривање на приватниот интерес од страна на службеното лице, во овој случај претседателот на Владата. Со оглед на фактот дека при носење на одлуката го пријавил интересот, а на другата одлука воопшто не ни присуствувал. Имајќи ги предвид сите овие факти, јас предлагам по однос на овој предмет да констатираме дека наводите од пријавата не се потврдуваат и постапувањето по истиот да се запре, изјави Дојчиновска.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Боби Бојчевски, координатор за здравство на КСОМ
-
Владата и банките ќе ги продолжат преговорите за каматата од унгарскиот кредит за фирмите
-
СДСМ: Владата ги зголемува непродуктивните трошоци - Мицкоски: Сите капитални инвестиции ќе се завршат
-
Предвремено родените бебиња се мали херои за вработените на Гинекологија!
-
Раната детекција клучна за карциномот
-
Петровска: Немам амбиција да сум дел од раководството на СДСМ
-
Што ги тера возачите да дивеат на улиците?
-
Наколната населба во Дојран една од најбогатите и најразвиени на Балканот