Директорот на финансиската полиција најави кривична за обвинителката Русковска
По јавното обвинителство, денеска и Директорот на Финансова укажа дека претресот во неговата канцеларија не бил законски. Според Муареми, шефицата на обвинителството за гонење криминал и корупција со претресот во Управата за финансиска полиција ги пречекорила своите надлежности па ќе заработи кривична пријава.
Директорот на Управата за финансиска полиција најави кривична пријава за Вилма Русковска. Муареми смета дека со претресот во неговата канцеларија, шефицата на обвинителството за гонење криминал и корупција ја злоупотребила службената положба, а сторила и кривично дело, фалсификување лична исправа.. Денеска на брифинг со новинарите, Муареми прочита 15 страници за како што појасни, сите нерегуларности при претресот во финансова. Тој тврди дека, законски, обвинителството немало право да го направи претресот.
„Сето ова што го збориме и го наведуваме како незаконитост, Русковска тоа многу добро го знае. Од позиција на моќ, злоупотребувајќи ја својата функција, ова што Русковска го направи не е нешто ново. Ова е патерн на нејзино однесување, кршење закони, злоупотреби, закани“
Според Муареми, шефицата на обвинителството тенденциозно го уривала угледот на Финансиска, иако како што вели, Управата постапувала по стотици предмети. За него е нејасно зошто Русковска експресно реагирала по пријава за Финансиската полиција, а низа предмети на обвинителството со кое таа раководи, чекале разврска.
„Видовме експресно постапување на Вилма Русковска по анонимна пријава од граѓани на еден лист хартија по која таа бара спроведување на нејинванзивно истражно дејствије, претрес. Нема друг ваков пример во кој ЈО приоритет дава на анонимки, наспроти пријави од познати пријавители со докази кои чекаат со години за постапување“
На обвинувањата од првиот човек на Финансова, Обвинителката Русковска, кусо вели, не коментирам туѓи изјави.
Реакцијата на Финансова следи откако во понеделникот Републичкото обвинителство објави дека во претресот имало низа пропусти, ама и дека кривичната против Муареми не укажавала на можно кривично дело.
-
Зоран Јанески
Сите содржини од овој новинар