Македонија
27. September 2016 - 13:58

Директорката Ѓоргоска Илиевска на регионален форум во Бугарија

Директорката на Агенција за филм Мими Ѓоргоска Илиевска учествуваше на регионален форум во рамки на 34. филмски фестивал „Златна роза“, што од 19 до 25 септември се одржа во Варна, Бугарија.

Организатор на еднодневниот форум е Националниот филмски центар на Бугарија.

- Целта на средбата беше размена на филмски практики меѓу соседните држави и учесниците имаа можност да ги презенираат поволностите кои ги нудат за копродукции, како и да говорат за можностите за поддршка на регионалните копродукции од страна на филмските центри и фондови, кои се од исклучително значење за балканските кинематографии. Беше напоменато дека во последните 15 години, земјите во регионот меѓу кои Македонија, Грција, Србија, Турција, Романија и Хрватска се повеќе учествуваат во поддршка на регионални копродукции, соопшти Агенцијата за филм. 

Освен Ѓоргоска Илиевска на форумот учествувале и Електра Венаки - директорка на Филмскиот центар во Грција, Камен Балкански – директор на бугарскиот филмски центар, Стефан Доброиу – филмски критичар од Романија, Дарко Башески - филмски експерт од Македонија, Гергана Даковска – експерт за копродукции и претставници од Националниот филмски центар. 

На средбата се разгледале и можностите за стабилизирање на фондот SOUTH EAST EUROPEAN CINEMA NETWOR, кој веќе со години дава поддршка за развој на краткометражни и долгометражни проекти, за новите начини на привлекување средства и воведените механизми за поттикнување на вложувањето во филмската индустрија, како што се даночните олеснувања и филмските комисии, кои имаат потенцијал да привлечат странски продукции како и механизмите на дистрибуција. 

Како што информира Агенцијата за филм, на средбата бил ставен акцент на формирањето балкански филмски фонд за копродукции. Директорката Ѓоргоска Илиевска истакнала дека веќе е потпишан меморандумот за инциијативата за формирање Балкански филмски фонд (BCC), што ќе овозможи поддршка за филмски проекти, независно од средствата што ги добиваат од националните филмски фондови и центри. 

Во рамки на фестивалската програма „Отворени хоризонти“ биле прикажани долгометражниот филм „Лазар“, мнозинската копродукција меѓу Македонија, Хрватска, Бугарија и Франција во режија на Светозар Ристовски и „Банат“, копродукција меѓу Италија, Романија, Бугарија и Македонија во режија на Адриано Валерио, во кој Македонија и Агенцијата за филм учествуваат со малцински финансиски удел.