Димитров: Комисија за историски прашања е алиби за комплицираните односи меѓу Бугарија и Македонија
Комисијата за историски прашања е алиби за комплицираните односи меѓу Македонија и Бугарија. Ова го тврди предводникот на бугарскиот тим историчари Ангел Димитров по последната средба која пред три дена се одржа во Скопје.
Работата на комисијата Димитров ја оценува како стагнација и застој, како што вели дека е целокупната состојба во Македонија.
„Најкраткиот одговор е до никаде. По осум години работи, по 38 средби, сè уште сме на учебникот за седмо одделение, а материјалот одговара за шесто одделение кај нас, односно во 11 век. Би можел да кажам дека ова е блокада на работа на комисијата, но ќе употребам повнимателен израз, ќе кажам дека е стагнација и застој, а тоа е и целокупната состојба на државата таму. Тоа е наведено и во извештајот од Брисел и е нешто што воопшто не го загрижува државното раководство таму“, вели Димитров.
Ниту новиот состав на македонскиот тим историчари според Димитров не го промени начинот на работа на комисијата. Главната причина за застојот според Димиторв е што македонската страна не сака да го прифати постоењето на заедничка историја.
„И новиот состав е создаден од новото политичко раководство во државата не промени апсолутно ништо во дејствувањето. Главната работа што ја сакаат нашите колеги е да не се направи ниту минимално навестување дека Охридската архиепископија е продолжение на Бугарската патријаршија, дека постои овој континуитет и историска врска“, кажа тој.
Без многу детали за јавноста заврши последната средба на историчарите која во петокот се одржа во Скопје.
Двете страни известија дека тема на состанокот биле учебниците за Историја и општество за петто и шесто одделение, но без некаков напредок во разговорите.
Следната средба на 11 и 12 декември во Софија.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
