Бизнис
3. јуни 2016 - 16:15

Димитриев: Субвенциите кои беа стопирани поради изборите ќе продолжат

Исплатата на земјоделските субвенции продолжува од следната недела. Налозите за исплата агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој од понеделник ќе ги прати во министерството за финансии, а набрзо потоа ќе почне и исплатата.

Како што информираше премиерот Димитриев, кој денес ја посети агенцијата, рече дека најголем дел од субвенциите биле исплатени, а останал да се реализра помал дел од плаќањето кое привремено беше запрено заради изборите.

- Констатиравме дека во овој период сега веќе по решавањето на ситуацијата да нема избори може да се продолжи со исплата на субвенциите кои поради распишувањето на изборите беше времено запрена. Финансии за тоа има и од понеделник Агенцијата ќе ги достави налозите до трезорот и Министерството за финансии за исплата на субвенциите, изјави Димитриев.

Димитриев рече дека владата останува фокусирана на земјоделството како дејност која носи бенефит за државата и финансиската поддршка која го поттикнува неговиот развој.

- Остануваме силно фокусирани на поддршка на земјоделството и сметаме дека инвестирањето во земјоделството носи бенефит за државата и во иднина така ќе продолжиме со континуирано зголемување на сите програми и мерки кои значат развој на оваа област, порача премиерот.

Во досегашниот тек на годината исплатени се 3,6 милијарди денари согласно календарот за субвенции.

- Сметам дека ќе има поголема ефикасност и во поднесувањето и во исплатата на субвенциите со воведувањето на електронското поднесување на апликациите. Годишно Агенцијата добива околу 75.000 апликации, а досега се поднесени 40.000. Крајниот рок е 30 јуни 2016 година, рече директорката на Агенцијата Билјана Вуковиќ

Лани државата финансирала вкупно 221 проект кои се во тек на изведба. На средбата се дискутирало за зголемување на поддршката за поголеми приноси, набавката на нова механизација и проектите за рурарелен развој.