Македонија
28. December 2021 - 12:22

Димитар Ковачевски нов мандатар - СДСМ со ново раководство

СДСМ доби ново партиско раководство. Доцна синоќа владејачката партија избра нови потпретседатели, генерален секретар, а доби и освежен Извршен одбор. Стефан Богоев, Фатмир Битиќи, Бисера Костадиновска Стојчевска и Перо Костадинов се кадрите кои седнуваат на претседателското столче, додека за генерален секретар на партијата е именуван Миле Зечевиќ.

Заменик претседателката во партијата Сања Лукаревска го продолжува својот мандат, а нова функција во СДСМ добива и министерот за правда Бојан Маричиќ, кој ќе биде задолжен за меѓународната соработка. Покрај него, тројката нови секретари во партијата ја заокружува и Вангел Андрески, кој е нов организациски секретар.

Дел од новите имиња во Извршниот одбор се пратеничката Даниела Колева, поранешниот генерален секретар Андреј Петров, шефот на кабинетот на министерот Филипче во здравство Дритон Исмаили, додека од актуелните членови во Извршен останаа поранешниот градоначалник Петре Шилегов, директорката на Инфективна Милена Стевановиќ и новиот струмички градоначалник Костадин Костадинов.

Ковачевски најави дека партијата ќе се реформира и реорганизира, а истакна и дека ќе се формира Совет за креирање и имплементирање политики. Ова тело ќе има задача да ги надгледува проектите на партијата, а со него ќе раководи поранешниот потпретседател на СДСМ Игор Ивановски.

На седницата Ковачевски беше потврден како нов мандатар и ги најави приоритетите на новата влада.

Исти луѓе – исти вредности. Заевизмот продолжува – реагираа од ВМРО ДПМНЕ.

“Раководството на Димитар Ковачевски е тело на Заев, таму е Фатмир Битиќи, вицепремиер на Заев и потпретседател на СДСМ. Тој е една од причините за енергетската криза, причина за инфлацијата, малиот број на странски инвестиции, за отпуштањето на луѓе од работа. Заевизмот продолжува и со Сања Лукаревска. Таа е директорката на УЈП која ги толерира фирмите на Заеви со милионски долгови, додека фирмите на народот добиваат блокади”, велат од ВМРО ДПМНЕ.