Македонија
22. November 2019 - 14:45

Димче Арсовски: Шест месеци се случува класична лакрдија околу случајот Рекет

Шест месеци сме сведоци на правосудна фарса што ни се случува во делот околу случајот Рекет. Шест месеци пред очите на јавноста се случува класична лакрдија, се со една цел, а тоа е да се заштити криминалот на власта и на СДСМ.

Катица Јанева беше пуштена од притвор со најсмешните образложенија во одлуката на Кацарска судството.

Замислете, во одлуката велат дека Катица Јанева е невработена и без имот.

Зошто сето ова е небулозно?

Катица Јанева има куќа во Гевгелија од 371 метар квадратен, нејзиниот син има стан во Скопје и нејзината ќерка има стан во Скопје, со големина од 72 и 68 метри квадратни. Значи Катица Јанева очигледно има имот очигледно, а ја носат во домашен притвор кај нејзиниот син, кој исто така има кривична пријава за случајот со рекетирање и очигледно е дека може да си влијаат еден на друг.

Она што исто така е смешно е дека Катица Јанева ја рангираат како самохрана мајка, Катица Јанева всушност е мајка на две полнолетни деца. Исто така смешно и сулудо е да велиш дека Катица Јанева е  невработена, односно без приходи, а да ја товариш со дело со кое стекнала противправна финансиска вредност, каде што најверојатно се здобила со стотици илјади евра рекетирани и притоа парите да не се пронајдени, што значи дека се уште се кај нејзе или таа знае каде се.

Воедно, Катица Јанева за 4 години има заработени над 260.000 евра регуларни од СЈО, од кои само 157.000 евра како додаток за доверливост од СЈО, односно да не го изнесува јавно она што го слушнала во бомбите.

Оттука очигледно е дека Катица Јанева е пуштена по налог на Зоран Заев само за да не пропее за вмешаноста на политичкиот врв на СДСМ и власта во случајот Рекет. Сето она што го имаше кажано апелација пропаѓа во вода.

Јавното обвинителство, Вилма Русковска и Љубомир Јовевски, потрчкото на Зоран Заев, глумат театар за јавноста и пред јавноста дека се револтирани од одлуката и притоа Вилма Русковска се заканува со смс пораки до судиите за да одглуми браник на правдата и жртва, а таа целиот овој период ја водеше истрагата во корист на Катица Јанева и Заев.

Замислете што ќе се случува во иднина ако стане пракса странка во предмет како што е Русковска, да се заканува до судиите. Странки се и адвокатите и сведоците и сите останати освен Судот, а притоа знаеме дека истата таа Русковска и дозволи на Катица Јанева да брише докази, да форматира компјутери и да ги чисти трагите за случајот Рекет.

Ова е руинирано Луј Витон судство и обвинителство, по примерот на Кацарска и Русковска кои што се пример за заштитници на криминалот.

За сите овие работи што се случуваат еден ден некој ќе треба да одговара и да сноси одговорност.

Потребна е темелна и суштинска обнова на правосудниот систем, а тоа ќе се случи по 12 април по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт.

Прес-конференција на Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ