Свет
3. November 2016 - 19:06

„Ди Цајт“: Екстремни десничари бркале бегалци во Бауцен

Десетици крајно десничарски екстремисти „ловеле“ бегалци по улиците на градот Бауцен во источна Германија во вторникот вечер, јавуваат денеска локалните медиуми, пренесува дописникот на МИА од Берлин.

Групата локални радикали фрлале камења врз мигрантите во центарот на Бауцен, што е втор ваков случај за две недели. Напаѓачите носеле црна облека и знамиња со германски империјален крст а на дел од возилата имало напишано „Бела моќ“, пишува весникот „Зуд Дојче Цајтунг“.

За време на инцидентот на терен имало мал полициски тим кој не интервенирал се додека не дошло до контакт меѓу насилниците и бегалците што е причина дел од медиумите да ја обвинат полицијата дека непрофесионално се однесувала во Бауцен. Од локалната полиција првично за медиумите изјавиле дека во Бауцен не се случило ништо посебни и дека немало „лов на бегалци“. Подоцна медиумите објавија дека до инцидентот дошло кога тројца мигранти нападнале еден германски тинејџер но причината за нападот било тоа што врз нив било фрлано со камења.

Пратеникот на „Зелените“ во покраината Саксонија - Анхалт, Себастијан Штригел тврди дека полицијата ја прикрива вистината за нападот на крајните десничари врз бегалците.

„Ако немавме истражувачо новинарство ќе требаше да веруваме на полицијата за настаните во Бауцен. Така ќе ја дознаевме само половина вистина“, напиша Штригел на „Твитер“.

Полицијата во Саксонија - Анхалт и претходно беше тема на контроверзи поради видеото на кое се гледа како полицаец насилно исфрла бегалец од автобус, а возилото е блокирано од група екстремни десничари. Заменик премиерот на Саксонија Мартин Дулих во март за медиумите изјави дека не му е јасно дали радикалните ПЕГИДА И АФД се попопуларни меѓу граѓаните или меѓу полицајците.

Од почетокот на бегалскта криза во Германија за време на која во земјата пристигнаа околу 900 илјади бегалци, Бауцен е место каде што постојано се случуваат конфликти меѓу локалното население и бегалците. Пред еден месец во градот се случи тепачка меѓу 20 бегалци и 80 локални жители во која имаше неколку повредени лица. Според германските безбедносни служби радикализмот на германската десница е една од најголемите закани за стабилноста на земјата.