Живот
7. јуни 2021 - 10:57

Девојка од Сараево 29 години подоцна се препозна на фотографија на грчки фоторепортер од периодот на војната

Ноември 1992 година. Сараево. Мајка, ја држи во прегратка расплаканата ќерка во автобус, кој поради војната заминува за Чешка. Фотографијата пред неколку дена, на социјалните мрежи ја објави еден од најпознатите грчки фотографи Димитрис Месинис, „чепкајќи“ во неговата лична архива од периодот на војната, без воопшто да помисли дека ќе следи невообичаена и трогателна разврска, јави дописничката на МИА од Атина.

Ден- два подоцна, под фотографијата на Месинис осамна коментар од непознат, за фотографот, профил: „Ова сме јас и мајка ми“.

Расплаканото, тогаш тригодишно девојче, сега, 29 години подоцна се препозна на фотографијата.

Грчкиот фоторепортер во разговор со дописничката на МИА од Атина го пренесува ова невообичаено негово искуство, открива дека веднаш стапил во контакт со сега веќе 31-годишната Маша од Сараево, чиј поглед на фотографијата е насочен кон нејзиниот татко, без всушност да знае дека го гледа за последен пат.

Со мајка ѝ и цел автобус со бегалци од војната, преку Црвениот крст заминале за камп во Чешка, татко ѝ останал во Сараево и една година подоцна загинал од бомба.

Месинис за МИА раскажува дека од време на време објавува фотографии од различни теми на кои работел, па така додека го гледал материјалот од Сараево, решил конкретната фотографија да ја објави на Фејсбук и на Инстаграм.

-Во некој момент, следниот ден или по два дена, не памтам, на Инстаграм гледам коментар на англиски: „Ова сме јас и мајка ми“. И си велам, кој се шегува со мене? Мислев дека некој се шегува, бидејќи конкретниот профил не беше со нормално име туку со псевдоним. Го проверувам профилот, за среќа беше отворен, гледам жена на околу 30 години. Навистина, неверојатно многу личи со девојчето. Сè уште ги има шишките. Ја препознав. Тогаш сфатив дека не е фарса, раскажува Месинис.

Веднаш потоа размениле пораки, разговарале по телефон, а фоторепортерот говорејќи за МИА се навраќа 29 години назад кога го овековечи моментот.

-Го паметам моментот. Татко ѝ беше до мене тогаш. Девојчето не ме гледа мене, го гледа татко ѝ. Тогаш не ја знаев целата приказна. Сега кога зборувавме ми кажа. Навистина останав без зборови. Ми вели: Господине Месини, со вашата фотографија, сфаќам дека е последен пат што го видов татко ми. Тоа е последниот поглед кон татко ми, раскажува Месинис и додава дека дознал дека таткото загинал неколку месеци подоцна и истакнува дека сето ова било шок за него.

Фотографијата стигна до Сараево во рацете на мајката и ќерката

Веќе следниот ден по разговорот со девојката, Месинис стапил во контакт со негов пријател, исто така фоторепортер од Сараево со кој соработувал во 1992 година и побарал од него да ја отпечати фотографијата, да се сретне со мајката и ќерката и да им ја даде.

Па така, фотографијата од ноември 1992 година, во печатена форма стигнува во рацете на Маша и мајка ѝ, моментот го овековечува фотографот Адемир Демири и фотографијата, ја објавува новинарот Костас Кукумакас од грчкото издание на „Вајс“.

Девојчето, сега веќе 31-годишната Маша за „Вајс“ вели дека постоењето на сликата, за неа претставува чувство на ослободување.

Истото му го кажала и на фоторепортерот Месинис во разговорот.

-Ми рече дека е многу емотивно сето ова. Ми вели: Една работа ќе Ви кажам. Постоењето на фотографијата, сега кога ја имам во раце, за мене е ослободување од страдањата. Сега сфаќам што се случи, сега чувствувам што се случи, раскажува Месинис за МИА.

Целата приказна, но и фотографијата на грчкиот фоторепортер брзо се проширија на социјалните мрежи во Грција, а Месинис не ја исиклучува можноста да се сретне со Маша, вели дека можеби следната година, кога ќе се одбележат 30 години од почетокот на војната, може да се организира некоја манифестација и додава дека веројатно, сликата стигнала и до Директорот на музејот на историја во Сараево.

-Интернетот има многу лоши работи, но еве излезе и нешто добро – од една случајна објава, коментира познатиот грчки фоторепортер Димитрис Месинис на крајот од разговорот со дописничката на МИА од Атина.