Македонија

Детектор: Изненадување ли се новите позиции на Софија?

Речиси  40% од граѓаните го поддржуваат Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, покажува последното истражување на јавното мислење кое  го спроведе Институтот за политички истражувања.

Според истражувањето поддршка на Договорот со Софија даваат 39,6% од анкетираните додека 31,2% се противат.

13,7% од граѓаните велат дека не слушнале за Договорот, а 15,6% немаат одговор

Во споредба со анкетата која ИПИС  за емисијата „Детектор“ ја спроведе во февруари годинава забележан е пораст на индеферентност кон ова прашање. Бројот на поддржувачи,  но и на противници на договорот  е намален во последниве осум месеци.

Од 48,7% колку што давале поддршка во Февруари, процентот  е намален на 39,6 %,  а противниците  од  36% исто така се спуштиле на 31,2% .

Притоа треба да се има предвид дека октомвриската анкетата  е направена пред Бугарија да ги испорача најновите услови за поддршка на македонските евронтеграции, што се очекува  дополнително да влијае на резултатите.

Генерално гледано, 52, 6 имаат донекаде позитивен  став  кон  Бугарија, 34, 1 негативен. Ова е пад, споредено со  февруари, кога  за источниот сосед добро мислење имале 58,7, а  32, 6 негативно.

Три четвртини од граѓаните сметаат дека Гоце Делчев е Македонец. Ваков став имаат  75% од анкетираните имаат ваков став,  4,6% сметаат дека тој е етнички Бугарин, додека 4,9% имаат мислење дека тој е и Македонец и Бугарин. 15,5% од анкетираните не одговориле на ова прашање.

Речи си и да нема промени кога станува збор за ставот на граѓаните во последните 8 месеци околу заедничката прослава на настани и личности со соседна Бугарија. И во февруари и сега, за околу 41,5% од граѓаните овој компромис останува неприфатлив.

Сепак, мнозинството граѓани сметаат дека Договорот со Бугарија треба да остане. Ваков став имаат 38,3% од анкетираните. Наспроти нив, 32,8% сметаат дека Договорот треба да се поништи додека 28,8% немаат одговор.

Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена во периодот од 4 до 7 октомври, годинава, врз репрезентативен примерок од 1106 испитаници.