Македонија
25. April 2018 - 13:59

Дескоска: Продолжува реконструкцијата и опремувањето на училиштата

Реконструкција на 13 училишта, изградба на спортска сала и набавка на интегрирани табли за училиштата, најави министерката за образование и наука Рената Дескоска денеска при посетата на ОУ „25 Мај“ кое беше реновирано со средства на Европскиот заеднички фонд за Западен Балкан, но и со помош на Банката за развој при Советот на Европа.

Таа потсети дека од нејзиното доаѓање на чело на Министерството почна изградба на четири нови спортски сали, како и дека се опремени 15 училишта со столчиња и клупи.

- Инвестирањето во подобрување на условите во образованието, добрите училници, лаборатории, простор за рекреација и интеракција со другите ученици директно влијае на подобрувањето на постигнувањата на учениците, потенцира Дескоска.

Таа нагласи дека просториите  треба да бидат места во кои учениците ќе можат да се развиваат, во кои ќе го минуваат своето време, како и простор во кој наставниците ќе се чувствуваат почитувано и пријатно на своето работно место.

Министерката Дескоска ги повика градоначалниците да ги насочат своите приоритети кон вложување во образовниот процес затоа што, како што рече, тоа се проекти кои граѓаните во нивните општини вистински ќе ги ценат и почитуваат.

- Вложувањето во образованието е најголемата инвестиција што заедно можеме да ја направиме за оваа земја која се стреми кон европскиот образовен простор, истакна Дескоска.

Германскиот амбасадор во Македонија Томас Герберих, чија држава е една од донаторите во Европскиот заеднички фонд за Западен Балкан, рече дека оваа инвестициска рамка овозможува техничка помош во стратешки инвестиции како што се образованието, енергетиката, животната средина и други.

Тој го потенцираше ефектот од инвестирањето во образованието со она што, како што рече, го видовме денеска во училиштата „25 Мај“ и „Наум Наумовски Борче“ во Гази Баба кои ќе бидат бенефит за младите генерации.

Тој информираше дека Германската амбасада за оваа година учествувала во финансиска помош од околу три илјади евра за училиштето за купување на два апарати за чистење на подот.

Градоначалникот на Општина Гази Баба Борче Георгиевски рече дека добрите услови во училиштата ги мотивираат професорите и наставниците, а посебно талентираните ученици за кои општината издвоила парични средства за 20 најуспешни деца.

И градоначалникот ја најави изградбата на новата спортска сала за училиштето „25 Мај“, но најави и проект за учебната 2019/2020 за училиштето „Крсте Петков Мисирков“.

Во училиштето „25 Мај“ преку проектот за рехабилитација на средни и основни училишта инвестирани се околу 415 илјади евра, од кои околу 300 илјади евра се средства од Европскиот заеднички фонд за Западен Балкан. Со ова значително се подобрени условите во училиштето, троши помалку енергија за затоплување, хигиената е на повисоко ниво од претходно и објектот има помали трошоци за одржување, а наставниците имаат подобри услови за реализирање на наставно образовниот процес.

Во училиштето „25 Мај“ пред министерот и пред заменик министерот за образование, како и пред гостите амбасадори поддржувачи на Европскиот фонд за Западен Балкан се претставија хорот на училиштето, а се одржа и културна манифестација со народни игри и ора во изведба на учениците.