Македонија
10. May 2018 - 8:44

Десетти научен собир на млади македонисти

Десеттиот научен собир на млади македонисти - Конференција во чест на Лилјана Минова-Ѓуркова ќе се одржи денеска и утре на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на Катедра за македонски јазик и јужнословенски јазици.

Првиот научен собир на млади македонисти се одржа на 20 и 21 мај 1993 година на Филолошкиот факултет во Скопје.

Иницијативата за организирање на ваков собир ја даде проф. д-р Лилјана Минова-Ѓуркова, член на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, која, пак, едногласно ја усвои и ја презеде обврската за организација на собирот.

Основниот концепт на собирот беше тој да претставува научна средба на млади научни работници, чија прва или втора специјалност е македонскиот јазик, со идеја да се одржува на секои две години и да прерасне во традиција на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици.

На досегашните собири учествувале над 400 млади научни работници. Уште со Првиот научен собир на млади македонисти, оваа манифестација се здоби со меѓународен карактер. Имено, покрај домашните млади македонисти, на него земаат учество и млади македонисти-странци. Тоа се главно студенти, постдипломци, докторанди од странски универзитети, кои се занимаваат со теми од областа на лингвистиката и славистиката пошироко, како и на македонистиката потесно. Досега се вклучиле над 90 странски учесници.

На годинешниот собир свои реферати ќе имаат 38 млади македонисти, првпат со идентичен број од земјава и до странство: 19 -19.