Денови на македонската книжевност во Хрватска

Делегација од Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје предводена од директорот Иван К. Заров, денеска и утре ќе престојува во дводневна официјална посета на Националната и универзитетска библиотека во Загреб, Хрватска. Тој ќе се сретне со неговата хрватска колешка Татијана Петриќ, со која ќе присуствуваат и на манифестацијата „Денови на македонската книжевност во Хрватска“.
Оваа манифестација опфаќа репрезентативна изложба на книги преведени од македонски на хрватски јазик во периодот од 1990 до 2015 година со гостување и настап на тројца македонски писатели, и тркалезна маса посветена на преводот и преведувањето, како и на можностите за збогатување на фондот на преведени дела од македонски на хрватски јазик и обратно.
На свеченото отворање на изложбата ќе се обратат директорите на македонската и хрватската национална библиотеки и помошникот министер за култура на Хрватска Владимир Стојсављевиќ.
Македонските писатели Лидија Димковска, Блаже Миневски и Владимир Илиевски ќе читаат извадоци од свои познати дела на македонски јазик со превод на хрватски јазик, а следниот ден ќе учествуваат на трибината за преводот, чиј координатор ќе биде проф. Борислав Павловски. Најавено е учество на повеќе издавачи, книжевни агенти и писатели од Хрватска.
По претставувањето на хрватската книжевност во Скопје во 2014, ова е возвратна манифестација за претставување на македонската книжевност во Хрватска која треба да иницира поинтензивна соработка за меѓусебно приближување и запознавање на книжевностите на соседните земји.
Следната година овој проект продолжува со реципрочна соработка со бугарската Национална библиотека, а потоа и со словенечката, црногорската, босанската, романската...
Основната идеја на овој концепт е дека со конкретна комуникација меѓу книжевностите на земјите од Југоисточна Европа не само што ќе се потврди и поддржи потребата за меѓусебно приближување, размена и превод на врвни книжевни дела, туку ќе се отворат и нови можности за уште поголема културна комуникација на народите од овој дел на Европа.
Ново на Сител
-

Ќе има ли договор за Изборниот законик?
-

Тема на денот со Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Скопје
-

Утре нов обид за договор на пратениците за Изборниот законик
-

Сопственикот на „Пулс“ имал дојави за контроли од полицајци и инспекциски служби
-

Се уште се чекаат вештачењата за избоденото 14 годишно момче во паркот во Ченто
-

Две лица се уапсени за вчерашниот пожар кај Рампа
-

Ангелов: 120 лица секој ден во секој момент да бидат подготвени за распоредување на пожарите
-

Поскапуваат и бензините и дизелот
