Македонија
30. May 2023 - 8:56

Денеска гласање за избор на ректор на УКИМ, во избирачкиот список запишани 1419 гласачи

На 23 факултети и пет институти во состав на УКИМ денеска од 12 до 14 часот ќе се спроведе тајно гласање за избор на ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје за мандатниот период 16 септември 2023 - 15 септември 2026 година. Во Единствениот избирачки список на УКИМ, утврден од Универзитетската изборна комисија, запишани се 1419 гласачи.

Тие ќе избираат од еден од шесте кандидати за ректор на УКИМ, колку што и се пријавија на огласот: Горан Ајдински од Филозофскиот факултет, Биљана Ангелова од Економскиот институт, Ратко Дуев од Филозофскиот факултет, Атанас Кочов од Машинскиот факултет, Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ)  и Димитар Ташковски од ФЕИТ.

По 14 часот, кога ќе заврши гласањето, изборните единици ќе ги пратат резултатите до Универзитетската изборна комисија (УИК). Според роковникот за организирање на изборите, УИК до крајот на денот треба да ги објави резултатите од тајното гласање. Потоа ќе следува период за поднесување приговори во рок од три работни дена (31 мај – 5 јуни до 16 часот). Откако ќе бидат разгледани евентуални приговори, УИК на 6 јуни ќе ги објави конечните резултати. 

Доколку на некои единици во состав на УКИМ е потребно прегласување, повторното гласање ќе се организира на 9 јуни од 12 до 14 часот, а резултатите ќе бидат објавени до крајот на истиот ден. По законскиот рок од три дена за приговори, конечните резултати за избор на ректор ќе бидат објавени на 15 јуни.

Кандидатот што ќе биде избран, од септември ќе го наследи актуелниот ректор, проф. д-р Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, кој функцијата ректор на Скопскиот универзитет ја извршуваше два мандата.