Балкан
7. October 2022 - 19:37

„Демократи за силна Бугарија“ побараа партијата на Борисов да се откаже од мандатот за формирање нова влада

„Демократи за силна Бугарија“ им предложи на своите коалициски партнери од Демократска Бугарија да не учествуваат во преговорите со ГЕРБ, јави дописникот на МИА од Софија.    

Партијата побара враќање на првиот мандат од ГЕРБ и поддршка за мандатот на „Продолжуваме со промената“ на Кирил Петков и Асен Василев. „Демократи за силна Бугарија“ ја оценуваат политичката криза во земјава како продлабочена. Според нив, првиот чекор за излез е формирање редовна влада на Бугарија. Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, вели дека пристапот со контакт групата ќе функционира и дека ништо не е загубено.

Според Борисов, прва и непосредна опасност за Бугарија е војната во Украина и затоа во контакт групата има луѓе со евроатлански позиции. Борисов прецизираше дека вратата е оставена отворена и секој што сака може да вклучи лице во овој преговарачки тим.

Според него, Бугарите ѝ кажале „да“ на ГЕРБ, но на неговата партија не и кажале сама да управува со Бугарија. „Демократите за силна Бугарија“ се дел од коалицијата „Демократска Бугарија“ предводена од копретседавачот Христо Иванов.