Делегација на Стопанската комора на Македонија на Конгрес во Полска
„Наука – бизнис - сопствено управување сите заедно за економијата“, е темата на Шестиот европски конгрес за мали и средни претпријатија, што се одржува во Катовице, Полска под мотото „Три дена за инспирација и иновации”, а на кој учествува делегација на Стопанската комора на Македонија.
Најзначајни теми на конгресот се иновации, финансирање разните видови истражувачки студии, инвестирање и одржливост на бизнисите, како и новите технологии за поддршка на микро, малите и средните претпријатија се позначајните прашања за кои се дискутира на Конгресот.
Како што информира Стопанската комора на Македонија, претседателот на Комората Бранко Азески истакнал дека улогата на малите и средните претпријатија во македонската економија е се поголема и позначајна и затоа повеќето од активностите во овој период на Комората се сконцентрирани на нив.
Информирал дека за таа цел е формиран Клуб на претприемачи, во чиј фокус се едукативните активности за подобро управување и соочување со предизвиците за малите и средните претпријатија. - Преку разните иновативни облици на организирање во Комората за подобро вмрежување и помош во унапредувањето на нивната работа, не само што веруваме, туку и реално придонесуваме во нивниот развој, а тоа го покажуваат бројните успешни приказни на мали и средни компании кои имале голем бенефит од нашето досегашно долгогодишно искуство и работа на овој план. Во таа насока е и неодамна формираниот Македонско-полски бизнис-клуб, чија приоритетна цел ќе биде приближување и соработка меѓу македонските и полските мали и средни претпријатија и унапредување на взаемната трговска размена, истакна претседателот Азески.
Во рамки на одржувањето на Европскиот конгрес за мали и средни претпријатија во Катовице, претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, остварил средба со претседателот на Полската стопанска комора, Андреј Арендарски.
Една од основните теми, како што стои во соопштението, била можноста за унапредување на соработката меѓу македонските и полските компании во наредниот период.
- Имајќи го предвид силниот потенцијал за развој на приватниот сектор во изминативе години во Полска, како и бројните домашни и странски инвестиции во повеќе сектори во стопанството, за македонските компании претставува голем предизвик соработката со Полска. Преку формираниот Македонско-полски бизнис-клуб сакаме да дадеме поттик да се унапреди соработката меѓу македонските и полските компании, со цел да се помогне во ориентирање на македонските стопанственици и кон други европски пазари, покрај германскиот, што ќе резултира и зголемување на трговската размена меѓу Македонија и Полска, рече Азески.
Претседателот на Полската стопанска комора, Андреј Арендарски, изрази подготвеност и волја за соработка, при што како позначајна клучна активност за наредниот период се утврди можноста за организација на бизнис-средби во Скопје, меѓу стопанственици од Македонија, Србија, Полска и Бугарија, што ќе се реализираат во првиот квартал од 2017 година.
Во периодот што следува исто така, е разговарано, д се воспостави поблиска соработка меѓу стопанските комори на Македонија и Полска, преку размена на искуства и организација на настани во делот на едукацијата, алтернативните начини за решавање спорови, како и преку организација на секторски средби меѓу стопанственици од определени стопански сектори од двете земји.
- Република Полска има потенцијал да стане водечка земја во ЕУ по производство на храна, бидејќи силно го развива аграрниот сектор. Важи за една од земјите во ОЕЦД во која е најлесно да се основа и да се води бизнис благодарение на прецизноста, ефикасноста и неутралноста на законската рамка за компаниите. Просечната плата во земјата е поголема од 1.200 евра и постојано се зголемува, како и вредноста на полската валута (злота), а се намалува стапката на невработеност, која сега изнесува само 9 проценти. Во Полска се наоѓаат 40 отсто од 500 најголеми компании во Централна Европа, стои во соопштението.
Вкупната трговска размена на Република Македонија со Република Полска во периодот јануари-август 2016 година изнесува 98 милиони САД долари, што претставува зголемување од 25,6 отсто во однос на тој период од претходната година. Извозот од 20,3 милиони САД долари бележи зголемување за 13,5 отсто, а увозот од 77,7 милиони САД долари бележи зголемување за 29,2 отсто. Во овој период, Република Полска е 21-ви надворешно-трговски партнер на Република Македонија.
Ново на Сител
-
Ахмети: Груби не е во бегство, но нема да се појави пред одмаздничка правда
-
Тема на денот со Билјана Ивановска, поранешна претседателка на Антикорупциска комисија
-
Коцевски не знае каде избегал Груби, но „кртот“ за акцијата не бил обвинителство
-
Шверцувале скапи автомобили од ЕУ и ги продавале во земјата - Кривична постапка против 10 лица за кримучарење возила
-
Одземен му е пасошот на поранешниот директор на ТИРЗ, тој не се чувствува виновен
-
Засилени безбедносни мерки во Охрид
-
Празнична сезона во Крушево
-
Хуманитарна акција во Берово