Македонија
2. October 2018 - 9:38

Делчевската болница доби опрема вредна 300.000 евра

Во Здравствениот дом „Гоце Делчев“ во Делчево синоќа пристигна донацијата во медицинска опрема од хуманитарната организација „Hand till hand“ од Кралството Шведска, вредна околу 300 илјади евра.

Станува збор за медицински помагала, кревети, душеци, болнички инвентар, колички, aпарати, подвижен рендген мамограф, односно околу 660 парчиња опрема која ќе биде ставена во функција на граѓаните.

Благодарност до шведската хуманитарна организација изрази директорката на болницата, Марија Глигоровска.

- Оваа донација многу ќе значи за нас, заради тоа што добиваме многу голема опрема. По спецификацијата која ни е пратена имаме рендген апарат, мамограф, подвижен рендген, кој ретко која болница го има. Тоа значи дека можеме рендгенот да го одвлечеме настрана, за да не мора пациентот секогаш да биде во рендген кабинет, што е ретка можност. Тоа се добри апарати кои во развиените земји ги користат една до две години и добро ги одржуваат, ги репарираат и ги даваат во донации, рече Глигоровска.

Додаде дека откако ќе биде направен попис опремата ќе биде распределена во болницата согласно нејзината намена. Претходно, градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски во знак на благодарност на претставниците на шведската хуманитарна организација им додели благодарници.