Дел од домот за доенчиња ќе стане детска градинка
Дел од објектот на Домот за доенчиња и мали деца во Битола ќе биде адаптиран во детска градинка која ќе обезбеди капацитет од нови 80 места за деца од претшколска возраст. Министерката Тренчевска и градоначалникот Коњановски преку потпишување два договора го дефинираа начинот на кој ќе се реализираат и финансираат активностите.
-Целта е да придонесеме кон зголемување на опфатот на деца во детските градинки . Како министерство се залагаме за што поголема соработка со општините и унапредувањето на животот на граѓаните да доаѓа токму преку заложбите на локалните самоуправи. Ги охрабрувам и другите општини да доставуваат проекти за изградба, доградба и адаптација на простори со цел нивно наменување во детски градинки, рече Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика.
70% од вкупната вредност на проектот ќе се обезбедат од Буџетот на Министерството за труд и социјална политика за 2022 година за изведување на градежните работи.
-Општина Битола ќе финансира 30% од предвидената сума за градежните работи и адаптацијата на објектот, односно околу 4 милиони денари, средства кои се веќе обезбедени од Буџетот и планирани во Годишниот план за јавни набавки, а исто така, општината обезбеди средства за изработка на Проектот за адаптација. Општина Битола со години има долга листа на чекање на деца за прием во детските градинки. Како локална самоуправа, максимално се залагаме да се изнајдат законски решенија, со кои ќе биде надминат овој горлив проблем за родителите, особено за оние кои одат на работа и немаат каде да ги остават своите најмили, изјави Тони Коњановски, градоначалник на Битола.
Предвидениот рок за изведба на градежно-занаетчиските работи на градинката изнесува 10 месеци.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар