Свет
17. јуни 2016 - 10:33

Дејселблум: Еврогупата ја засилува соработката независно дали ќе има брегзит

Деветнаесетте држави од еврозоната ќе ја засилат соработката меѓу себе во сите неопходни области независно од исходот од референдумот во Британија за членство во Европската унија, изјави претседателот на еврогрупата Јерун Дејселблум.

Министрите за финансии од еврозоната кои се на состанок во Луксембург не соопштија што може да се случи ако Британците гласаат за излегување од ЕУ следната недела, но анализираа како да се засили соработката.

– Разгледуваме се што е неопходно да направиме во еврозоната, независно дали ќе има брегзит, изјави Дејселблум на прес конференција.

Министрите со едноминутно молчење оддадоа почит на британската пратеничка Џо Кокс која вчера беше убиена во напад во северна Англија, една недела пред референдумот за членство на Велика Британија во ЕУ.