Свет
21. April 2020 - 18:40

Децата не се преносители на вирусот? Заразено момче не го пренело вирусот на ниеден од луѓето со кои било во контакт

Француски ученик што се заразил со ковид-19 на скијање во февруари не заразил никого од луѓето со кои контактирал, и покрај тоа што имал симптоми, вели нова студија. Таа фрла ново светло врз децата како „вектори на вирусот“.Детето престојувало во куќа во Ле Контамин-Монжуа, каде што одмораше и британскиот „суперпреносител“ на коронавирусот Стив Волш. Волш не сакајќи изложи на вирусот десетина други гости откако се заразил за време на службено патување во Сингапур во јануари, пред да отпатува за Франција.

Француската истрага на случајот на детето открила дека деветгодишникот не ги заразил ниту своето семејство, ниту некого друг, и покрај тоа што стапил во контакт со 172 лица.

Сите тие биле ставени во карантин како мерка на претпазливост откако дошле во контакт со момчето, а само еден од групата добил позитивен тест на новиот коронавирус. Сепак, лекарите заклучиле дека единствениот позитивен случај мора да потекнува од друг извор, а не од момчето, бидејќи другите 171 контакт биле негативни.

Според студијата, објавена во списанието Клинички инфективни заболувања, момчето имало позитивен тест и на грип и на обична настинка, како и на ковид-19 - и, иако првите две болести им ги пренело на своите брат и сестра, тие не се заразиле со коронавирусот.

Епидемиологот и главен автор на студијата д-р Костас Данис изјави за Франс прес дека момчето „посетувало три (ски) школи додека имало симптоми, но не го пренело вирусот, сугерирајќи потенцијално различна динамика на пренесување кај децата“.

Истражувачите на француската јавноздравствена агенција веруваат дека студијата покажува дека децата „не би можеле да бидат важен извор на пренесување“ на коронавирусот, како што се плашеа експертите.

Ова може да покаже дека затворањето на училиштата не е ефектно како мерка за спречување на ширењето на болеста, како што претходно се мислеше.

Сепак, лекарите истакнаа дека децата имаат исто толку шанси да се заразат од болеста, но веројатно ќе покажат само благи симптоми и, според тоа, ќе бидат помалку заразни.