Децата и младинците од Струмица со умерена или тешка интелектуална попреченост се згрижени
Децата и младинците од Струмица со умерена или тешка интелектуална попреченост веќе една година имаат можност за квалитетно дневно згрижување.
Вештини за осамостојување и социјализација се само еден дел од придобивките кои овие деца ги имаат од дневниот центар за лица со посебни потреби кој одбележа една година од неговото формирање.
Од центарот за социјални работи во Струмица велат дека 12 месеци по официјално започнување со работа на дневниот центар резултатите се повеќе од евидентни.
Децата имаат совладано голем број вештини како што се пишување букви, цртање, боење, изработка на предмети, хигиенски навики, самостојност во хранењето.
-Индицијата на министерството за труд и социјална политика за деинституционализација на овие деца од институциите во системот во еден мал групен дом, односно дневен центар во која би им пружиле соодвентна заштита и остварување на ресоцијализацијата се покажа како успешна. Со помош на родителите на самите деца и младинци кои го посетуваат дневниот центар и со наша стручна помош успеавме овие деца за оваа една година да ги интегрираме во системот на социјална заштита, односно во дневниот центар, вели Кире Поп Трајков – директот на меѓуопштински центар за социјални работи Струмица
Родителите велат дека овој центар го чекале повеќе од дваесет години, а неговото отварање било од непроценливо значење за нив, но уште повеќе за нивните деца.
-Во Струмица се водеше многу долга битка за да се отвори дневен центар. И после дваесет години борба за децата со посебни потреби се отвори дневниот центар кој што многу ни беше потребен на нас родителите, а посебно на децата. Ние родителите сме многу благодарни бидејќи и на нас тоа ни е голема одмена, вели Виолета Туџарова - родител
Министерството за труд и социјална политика со поддршка на УНИЦЕФ во текот на 2000 та година го започна проектот за деинституционализација на лица со посебни потреби.
Како резултат на таа соработка денес на територијата на цела држава работат 17 дневни центри за лица со умерена и тешка интелектуална попреченост меѓу кои и дневниот центар во Струмица.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар