Македонија
2. April 2019 - 18:55

Деца од фолклорни ансамбли од Бугарија играа во Охрид во рамки на одбележување на Светскиот ден на аутизмот

Во рамки на активностите за одбележување на Меѓународниот ден на аутизмот што ги спроведува Здружението за третман на лица со Аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „Во Мојот свет“, попладнево во Охрид се одржа и фолклорен фестивал на кој настапија повеќе од 350 деца, членови на фолклорни ансамбли од соседна Бугарија.

Манифестацијата се одржа со финансиска поддршка на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.

– Проблемот со аутизмот за жал има тенденција на пораст. Децата треба конечно да бидат прифатени од нивните другарчиња. Тоа се деца еднакви со нас, мора да се социјализираат и интегрираат во општеството, истакна Весна Стојановска, потпретседател на Здружението за аутизам „Во Мојот свет“.

Таа додаде дека веќе е отворен Центар за сензорна терапија за аутистични деца во Скопје, а во соработка со бугарската амбасада ќе се реализира и проект за отворање Центар за едукација и рехаблитација на деца, што ќе опфати повеќе околни градови.

Во рамки на новиот болнички комплекс „Св. Еразмо“ предвиден е и посебен сензорен парк, прв од тој вид на Балканскиот полуостров што ќе работи по искуства на слична установа во Индија.

Бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов рече дека деца од Ќустендил, Разград, Актопол, Царево од многу градови на Бугарија ќе играат и пеат, во рамки на Денови на бугарската култура и фолклор во Охрид.

– Тоа се совпадна и со нашата програма за помош и развој наменета за Република Северна Македонија, во чии рамки работи и проектот за аутизам. Заедно со Здружението „Во Мојот свет“ работевме на одбележување на светскиот ден на аутизмот. Многу вложивме, направиме дневен центар за деца со аутизам во Скопје, разработуваме таков центар во Охрид и продолжуваме со соработката. Овие деца тука ќе танцуваат во солидарност на нивните другарчиња и врсници со аутизам, рече Ангелов.

Имено, во рамки на активностите за одбележување на Светскиот ден на аутизмот, синоќа повеќе државни и национални институции беа илуминирани во сина боја, а кон нив се придружи и Општина Охрид чија зграда беше осветлена во сино.