Свет
11. January 2016 - 18:04

Де Мезиер: Германија има потреба од построго миграциско законодавство

Германија има потреба од построго миграциско законодавство, изјави денеска германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер по нападите на странците врз жени за време на новогодишната ноќ, пренесе  ТАСС.

-Имаме потреба како од доследна примена на постојните правни норми, а тука има мноштво можности, така и од построг закон, изјави Де Мезиер во Келн.

Сексуалните напади и разбојништва во текот на новогодишната ноќ во овој град, од кои повеќето им се припишуваат на странците, предизвикаа жестоки дебати за миграцијата и безбедноста во Германија.

Претходно германскиот министер за внатрешни работи се заложи за забрзано депортирање на бегалците кои ги прекршуваат законите на земјата, за монтирање на повеќе видеокамери по плоштадите каде се собираат многу луѓе, и за засилено полициско присуство на улиците.

Последиците од настаните во Келн неделава ќе бидат разгледани и во Бундестагот, во меѓувреме соопштија извори на ДПА. Уште не се знае во каква форма ќе се одвива дискусијата и дали пред пратениците ќе зборува и канцеларката Ангела Меркел.

Неколку часа пред доаѓањето на Новата 2016 година на плоштадот меѓу Келнската катедрала и градската железничка станица се собраа 400-500 млади лица, најмногу од арапско и северноафриканско потекло, а според полицијата и со агресивно држење и во алкохолизирана состојба. До 23 часот нивниот број двојно нараснал, до околу 1.000 лица. Одвреме навреме тие намерно фрлале петарди во минувачите, забележува ТАСС.

Половина час пред полноќ младите, разделени во групи, почнале да ги обиколуваат жените на плоштадот со цел да извршат противправни дејствија, наведува руската агенција.

До овој момент градската полиција примила 516 жалби од настрадани жени, кои информирале за малтертирање, силување, напади и грабежи.

Полицијата подоцна одлучила да ги евакуира луѓето од полоштадот, но безредијата не престанале, туку само се поместиле во зградата на централната железничка станица во Келн.

Полицискиот извештај за настаните на железничката станица „беше објавен на 7 јануари и само во медиумите“, истакнува ТАСС.

Според авторот на извештајот, полицаецот кој ги примал повиците не можел да постигне да ги прими сите поплаки од жените, кои го молеле полицијата да ја скроти разузданата толпа. Според него, полицајците „стигнале до работ на очајот“, но не можеле да ги променат нештата.

Авторот на документот посочува дека за 29 години служба првпат се сретнал со вакво непочитување. Разулавената толпа пред очите на полицајците  ги уништувала своите документи за идентификација наведувајќи дека „утре ќе добиеле други“. Медиумите цитираа зборови на еден од странците : „Должни сте да бидете пријателски расположени кон мене. Тука сум поканет од госпоѓа Меркел“.

Во официјалното соопштение на полицијата од 1 јануари се наведува дека ситуацијата во градот била генерално мирна. Таму нема ниту збор за нападните врз жени од страна на мигрантите, напоменува ТАСС.