Македонија
11. July 2024 - 11:55

Давкова: Да се покрене дискусија за отслужување воен рок врз доброволна основа

Претседателката Гордан Сиљановска – Давкова, како врховен командант на вооружените сили, денеска од Охрид посочи дека можеби би требало да се размислува во насока да има се овозможи на младите луѓе кои би сакале на доброволна основа да служат воена обврска.

- Дел од младите луѓе имаат желба како некогаш да бидат дел не само од професионална армија, туку доброволно во вооружените сили, можеби би требало за тоа да поразговараме. Независно која би била одлуката по дускусијата, ова што го видовме ни дава чувство за безбедност, рече претседателката која денеска присуствуваше на показната вежба на припадниците на Армијата од Баталјонот на специјални сили кои изведуваат обука во Кампот за обука на вода на Охридското Езеро.

Нејзиниот став е дека треба да се размислува во таа насока, да се иницира дискусија, да се чујат експертите по прашањето. 

- Сме имале ние такво искуство, да, мислам дека треба да се размислува. Има луѓе кои би сакале да служат воена обврска, доброволно, зошто тоа да не го овозможиме. Мислам дека тогаш и односот кон армијата ќе биде попозитивен. Треба да се отвори темата, да се разговара, треба да се слушнат аргументите, да се тестира расположението кај луѓето..., рече Давкова пред медиумите, при што додаде дека ќе има разговори и консултации по прашањето со одговорните, со началникот на Генералштабот.

- Јас сум за цврста и силна граѓанска контрола на Армијата, ќе ги прашам сите, така што слободно може да се размислува на таа тема, рече претседателката.

Сиљановска Давкова посочи на времето од поранешната државна заедница кога отслужувањето воен рок значеше интеракција на најразлични профили луѓе, градење односи на солидарност, разбирање...

-  Тоа го видовме тука денеска, колку е потребна таа соработка. Се разбира дека можеби тоа навистина е важно во ова време, рече таа, посочувајќи ја потребата посветеноста, дисциплинираноска да бидат императив во секоја област од професионалниот ангажман.