Свет
14. April 2016 - 9:34

Данило Тирк ја претстави својата кандидатура за генерален секретар на ОН

Санкциите треба да правилно да се насочени и да се воведуваат разумно по длабока анализа, изјави кандидатот за генерален секретар на Обединетите нации Данило Тирк, за време на вчерашното сослушувањето во седиштетото на ОН во Њујорк.

Поранешниот словенечки претседател вети дека доколку биде избран за наследник на Бан Ки-Мун нема да бега од сложени прашања и суверенитетот на државите го означи како клучен принцип во меѓународните односи. 

Неформалното сослушување на Тирк во ОН траеше два часа, а вчера беа сослушани уште двајца кандидати за генерален секретар, поранешните министрите за надворешни работи на Хрватска и Молдавија, Весна Пусиќ и Наталија Герман.

Пусиќ изјави дека доаѓа од Хрватска, земја, која за 25 години го поминала патот од војна кон стабилен мир, од меѓународна изолација до членка на ЕУ, од примач до доставувач на помош за развој.

- Тоа искуство не направи скромни и не научи да не ги гледаме другите од високо, додаде таа.

Пусиќ изјави дека доколку биде избрана за нов генерален секретар на ОН ќе го поедностави процесот за донесување одлуки и за известување во Светската организација, ќе работи упорно на решавање на глобалните конфликти преку преговори, ќе мобилизира колку што е можно повеќе земји да се вклучат во програмите за развој и ќе лобира за засилување на почитувањето на човековите права во светски рамки.

Герман изјави дека највисокиот функционер на ОН треба да биде отворен играч и лидер на колективот.

- Неопходно е повеќе жени да бидат назначени во Секретаријатот на ОН, истакна таа и како свое најголемо достигнување го посочи учеството во преговорите за склучување спогодба за асоцијација и за создавање зона за слободна трговија меѓу ЕУ и Молдавија. 

Вчера беа сослушани и бугарската кандидатка за генерален секретар на ОН, актуелната директорка на УНЕСКО Ирина Бокова, министерот за надворешни работи на Црна Гора Игор Лукшиќ и поранешниот португалски премиер и висок комесар за бегалци на ОН Антониу Гутереш. 

Денеска ќе бидат сослушани последните двајца претенденти, администраторката на Програмата за развој на ОН, поранешен премиер на Нов Зеланд Хелен Кларк и поранешниот македонски министер за надворешни работи Срѓан Керим.