Дали за ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ е прифатливо Таравари да остане во владата, ако излезе од ВРЕДИ?
Владините партнери ги следат превирањата во коалицијата ВРЕДИ, но за конкретни коментари ќе се чека конечната одлука на лидерите на коалицијата.
Откако Таравари реши на локалните избори да излезе со сопствени советнички листи, што ја отворои можноста за распад на албанската коалиција, од ВМРО-ДПМНЕ кусо велат дека тоа е нивно внатрешно прашање.
„Во моментов владината коалиција функционира редовно и нормално“ коментираат од владејачката партија, но без конкретен одговор, дали би било прифатливо Таравари да остане дел од Владата како посебен 4ти партнер, при евентуално напуштање на ВРЕДИ. Според неофицијални информации од извори во владејачаката коалиција, без разлика на исходот од состанокот во ВРЕДИ, Алијанса на Таравари ќе остане дел од Владата.
Коалицискиот партнер ЗНАМ пак вечерва ќе одржува седници на највисоките партиски органи, на кои покрај за партиски прашања, ќе се разговара и за состојбите во владината коалиција.
ВРЕДИ и ЗНАМ и досега повеќепати јавно си разменија остри тонови и за укинувањето на балансерот за вработувањата во јавната администрација по етничка линија, и за употребата на албанското знаме во кабинетите на министрите, а ставовите ги судрија и околу идејата за формирање на Албанска академија на науките и уметностите.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар