Дали вакцината на Астра Зенека е безбедна за повозрасните граѓани?
Евтина и лесна за одржување, со благи нус појави и заштита од 76 проценти по примената првата доза. Ова се главните карактеристики на вакцината на Астра Зенека, развиена во оксфордскиот институт. Но, тука, уште на самиот почеток, почнуваат дилемите и контраверзите. Вакцината на британско-шведската корпорација нема иста цена за сите и нема иста ефикасност, во зависност од тоа кој како ја проценува. Така таа на европјаните им се продава по 2,25 долари по доза, но за Јужна Африка цената е два и пол пати поголема.
Голем број од земјите на ЕУ се сомневаат и дали вакцината е ефикасна како што тврди произведувачот. Германија, Австрија, Франција, Шведска, Полска и Италија не ја препорачуваат за лица постари од 65 години бидејќи велат дека немаат податоци дека таа е ефикасна за лицата над таа возраст. Белгија отиде и подалеку, таму сметаат дека вакцина треба да се дава само на помлади од 55 години, бидејќи повторно не се убедени дека таа ги штити повозрасните. Но, од Астразенека и британската влада демантираат. Според нив доволен доказ за успешноста на вакцината е резултатот од вакцинацијата во Британија, која се спроведува меѓу другото и во старски домови.
Оксфордската вакцина во Велика Британија е одобрена на 30 декември, а во ЕУ пред неколку дена. Вакцината се дава во две фази, на растојание од 4 до 12 недели. Таа се базира врз аденовирусот на шимпанзо.
-
Сања Сеизова Мрмова
Сите содржини од овој новинар