Македонија
25. December 2021 - 21:17

Дали транспортерите сега побрзо ги минуваат границите во „Отворен Балкан“?

Идејата е одлична, но има уште многу работа за камионџиите да можат непречено да минуваат преку границите во рамки на Отворен Балкан. Транспортерите велат дека на терен сè уште не е слободен протокот на стоки како што информираат српските власти.

„Беше во најава дека ќе се признаваат сертификатите. Значи, тоа е поентата, меѓутоа за сега немаме ситуација дека се признаваат баш така како што кажал министерот за земјоделство од Србија. Меѓутоа, тоа е поентата. Се потпишаа тие спогодби и сега треба да се унифицира обликот на сертификатот и да биде признаен во сите три држави, што ќе донесе подобрување во прометот на земјоделски производи, односно стока во свежа состојба. Меѓутоа, една од придобивките и во Ковидот беше формирањето на тие зелени ленти, каде што камионите товарени со ваква стока можеа приоритетно да поминуваат“, вели Билјана Муратовска, претседателка на Асоцијацијата на камионски транспортери Макамтранс.

Српскиот министер за земјоделство рече дека камионите веќе не чекаат на граница меѓу трите потписнички на иницијативата Отворен Балкан, Македонија, Србија и Албанија.

„Главната придобивка за земјоделството од потпишаните договори во рамки на иницијативата „Отворени Балкан“ е што се усогласени лабораториските процедури меѓу Србија, Албанија и Северна Македонија и што повеќе нема чекање на границите поради фитосанитарна и ветеринарна контрола. Ова беше камен на сопнување во минатото, но веќе го нема. Сега се оди до царинската испостава, таму се книжат хартиите и робата оди во продажба таму каде што е треба. Тоа е главното достигнување на „Отворен Балкан“ за земјоделството“, изјави српскиот министер за земјоделство, Бранислав Недимовиќ.

И македонскиот вицепремиер за еконосмки прашања во интервју за МИА ја потенцираше придобивката од Отворен Балкан.

„Крајната цел е поголема конкурентност на нашите економии, а регионалната конкурентност ќе биде спасот за овој регион. Не е важна иницијативата, туку целта која треба да се постигне“, рече вицепремиерот Фатмир Битиќи.

Транспортерите очекуваат дека час поскоро ќе се усогласат законските регулативи меѓу потписничките на Отворен Балкан, со цел транспортот на стоки во регионот да функционира непречено по примерот на ЕУ.

„Кога ќе се отворат границите, оној период што сме го губеле за да стоиме на едно место веќе нема да постои. Нема да губиме време во чекање и поминување од една на друга граница. Ќе ни остане проблемот само во преминот од Србија према Унгарија, од Србија према Хрватска, односно граничните линии со ЕУ, што сметам дека би можеле вака, кога ќе бидеме во поголема економска унија да влијаеме да се доправат и тие премини на границите, што ќе овозможат побрз проток. Во секој случај ќе имаме многу побрз обрт. Тоа не значи само придобивка за нас, како превозници, туку за целото стопанство“, вели Билјана Муратовска од Макамтранс.

Транспортерите очекуваат и останатите држави од Западен Балкан да се приклучат на иницијативата бидејќи придобивките се големи. Велат, се работи за мали територии и непотребно се губи време, пари и работни часови во чекање на сите гранични премини.