Македонија
12. May 2023 - 21:16

Дали и кога граѓаните ќе добијат налепници со „НМК‘‘ наместо да ги менуваат регистарските таблички?

Сè поизвено дека налепниците на регистартските таблички би можеле да бидат решение за граѓаните да не плаќаат по 1.500 денари за да добијат назнака „НМК“.

Работната група во МВР сè уште ги разгледува сите опции, но засега е нејасно кога надлежните ќе ја донесат одлуката која, според одредени проценки, ја чекаат сопственици на околу 490.000 возила.

Официјално, од МВР велат дека работната група работи на изнаоѓање на најповолно решение за граѓаните.

-Една од опциите е издавање на налепници со „НМК“ со цел да не мора да се менуваат табличките и со тоа да им се излезе во пресрет на граѓаните и особено на транспортните компании. Кога ќе биде донесено конечно решение соодветно ќе ја известиме јавноста, велат од МВР.

За ставање налепници, наместо замена на регистарските таблички, нем потреба од измени во законите туку само владина одлука, што ја олеснува примената на оваа преземена  обврска.

Ова решение првпат го спомна министерот Спасовски кон крајот на март и оттогаш јавноста е во исчекување на одлуката на МВР бидејќи сите кои поседуваат возила со стари таблици, обврската од Договорот од преспа ќе ги чини 1.500 денари.

Доколку државата сепак одлучи дека ќе мора да ги промениме табличките, тогаш во државниот буџет ќе се слеат околу 12 милиони евра.

До февруари следната година сите кои имаат лични документи со „Република Македонија“ ќе мора да ги променат. Дополнително на тоа, МВР со новиот ценовник го поскапи вадењето на сите документи. Па така, личната карта ќе биде поскапа за 65%, возачката за 50%, а пасошите за 30%.