Бизнис
5. October 2021 - 16:37

Дали храната драматично ќе поскапи - Заев уверува дека тоа нема да се случи

Инфлацијата се контролира на ниско стабилно ниво и граѓаните не треба да стравуваат од ценовен шок, тврди премиерот Заев. Според него, претерани се предупредувањата од прехранбената индустрија дека до крајот на годинава цените на производите може да се покачат и за 50%.

„Дека претерано е кажувањето и апсолутно не е точно. Инфлацијата се контролира на ниско стабилно ниво. Не може да сме изолирани во светот. Цената на струјата е главен индикатор за инфлација, но учеството во цената на чинење е 3%. Владата е тука да помине ако се надмине тој процент. Државата е тука за да помогне. Во прехранбената индустрија дури ги имаме и алатките на стоковите резерви со цел да спречиме времено поскапување“, рече Заев.

На барање на бизнисот, попладнево вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи ќе се сретне со претставници на земјоделско-преработувачкиот сектор за да разговараат за причините за најавеното поскапување, но и да се разгледаат можностите за ублажување на ценовниот шок.

„Вчерашниот прес е една од најавите за евентуални случувања во тој сектор. Ќе се видиме попладне со нив. Ги следиме состојбите и преземаме адекватни политики. Во овој момент не би сакале да кажеме кои мерки би ги преземале заради дополнителни анализи но и поради предизборниот период. Прво да ја чуеме другата страна“, рече Битиќи.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека растот на цените е последица на лошите владини политики.

„Цените на основните намирници за една година пораснаа и за 20%, со лошите политики на Заев се очекува покачување за уште 50%. Зејтинот лани се продаваше за цена од 67 денари сега се продава по цена од 95, или 100 денари. Млекото кое лани се продаваше за 45 денари сега се продава по 52 денари, а брашното од 34 денари стана 40 денари. Цените на основните намирници драматично растат. А, стандардот на граѓаните е се послаб“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Компаниите од прехранбениот сектор вчера се пожалија дека се соочуваат со намалено земјоделско производство, недостиг од работници, зголемени трошоци за транспорт и двојно повисока цена на енергенсите. Поради тоа алармираат дека до крајот на годинава храната може да поскапи дури до 50%.