Македонија
28. May 2022 - 21:20

Дали евентуалното ново вето од Бугарија ќе донесе предвремени избори?

Евентуалното вето во јуни дефинитивно ќе ја приближува Македонија кон предвремени парламентарни избори. 

Од исходот на европскиот совет наредниот месец ќе зависи и понатамошниот пристап кон евроинтеграциите, смета политичкиот аналитичар Бесим Небиу.

Голем дел од политичката програма оваа Влада ја темелеше на отворањето на преговорите, вели Небиу, па оттаму, неостварувањето на оваа цел ја турка земјава кон нови избори.

Во услови на блокада и тензии во Собранието, енергетска и економска криза и секојдневни обвинувања на релација власт – опозиција, постои уште една причина поради која се можни предвремени избори, смета Небиу.

Поларизацијата меѓу власта и опозицијата е се поголема, па затоа треба да се изнајдат механизми и канали за меѓусебна комуникација, вели аналитичарот на тема лидерска средба.

Сепак, случувањата во голема мера ќе зависат од тоа дали ќе има одлука за почеток на преговори со ЕУ.

Евентуалниот негативен исход во јуни има потенцијал да донесе тектонски промени не само на политичката сцена, туку во нашиот пристап кон целиот евроинтегративен процес, а неизбежно ќе не насочи и кон други проекти и стратешки цели, вели Небиу.