Дали Божиќ ќе донесе примирје во Украина?
Руско украинската војна од денеска треба да влезе во 36 часовен прекин доколку се остварат најавите на рускиот претседател Путин. Кремљ објави дека Путин му наредил на министерот за одбрана, Сергеј Шојгу да воведе прекин на огнот долж целата линија на фронтот со Украина за време на Бадник и Божиќ почнувајќи напладне на 6 јануари и завршувајќи на 7 јануари по апелот на патријархот Кирил од руската православна црква.
На ова реагираше украинскиот претседател, Зеленски кој го отфрли понуденото примирје. Според него Русите на овој начин сакаат да го запрат напредокот на украинската војска во регионот на Донбас.
Првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел на Твитер напиша дека повикот на Путин за прекин на огнот во Украина е лицемерен.
„Повлекувањето на руските трупи е единствената сериозна опција за враќање на мирот и безбедноста. Најавата за едностран прекин на огнот е исто толку лажна и лицемерна, како и нелегалните анексии и придружните реферндуми“, стои во објавата на Мишел.
САД пак велат дека ова е само обид на руската армија да земе здив и дека не веруваат во ваквите најави. Портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер рече дека гледа со скептицизам на ваквата најава.
Обединетите нации пак објавија дека секое примирје е добредојдено и дека ја позравуваат ваквата намера доколку е искрена и доколку резултира со мир.
-
Бранислав Јанески
Сите содржини од овој новинар
